Тоа лошо друштво Васила Гарванлиев нема да го „одбрани”, само ќе го упропасти

Гарванлиев на Песна за Евровизија не се претставува себеси како Македонец и Бугарин. Ниту го претставува "струмичкиот дух". Тој ја претставува нашата држава. Неговиот настап не го плаќаат ни Бугарија, ни Струмица, ни СДСМ, туку македонските даночни обврзници. И ова не е шовинизам, ова се факти, клучни за целокупното поведение на пејачот во контекстот на овој фестивалски настап.

17,014

Така како што Бојко Борисов упорно ја брани тезата „еден народ, две држави”, имено со лагата дека македонските и бугарските херои се бореле да бидеме заедно, така и пропагандата на СДСМ го „брани” младиот пејач Васил Гарванлиев од „шовинистичките” напади во Македонија.

Со лаги. И со замена на тези.






Да, точно е дека ние и Бугарите денес треба да бидеме заедно, обединети во европеизирањето на регионот. Но, не е вистина дека нашите херои низ историјата се бореле да бидеме „заедно”. Гоце Делчев и другите револуционери се бореле за автономна и за независна Македонија. А тоа не е „заедно”. И борбата за Санстефанска Бугарија не е борба за „заедно”. И „администрирањето” во Македонија во Втората светска војна не било за да бидеме „заедно”.

Ете, така се заменуваат тези, за да се избегне соочувањето со реалноста. Неуспешно.

Но, да се вратиме на младиот Македонец и Бугарин, нашиот претставник на Песната на Евровизија, Гарванлиев.

Не е точно дека Васил е нападнат затоа што има бугарско државјанство, покрај македонското. Најмалку 100.000 луѓе во Македонија имаат бугарски пасоши и никој не им го оспорува правото на двојно државјанство.

Не е точно дека Гарванлиев е критикуван поради неговото бугарско самочувство и потекло. Тоа е негова приватна работа. Може да се чувствува како што сака.

И секако не е точно дека се оспорени неговата песна и неговите квалитети како музичар.

Најмалку, пак, е нападнат неговиот “струмички дух”, како што вели портпаролот на СДСМ, струмичанецот Костадин Костадинов.

Тоа се тие лажни тези, со кои “одбраната” сака да ја замени онаа вистинска теза, која е суштината на оправданата критика на спотот на Гарванлиев и на интервјуто во кое тој го објаснува своето бугарско потекло.
А сега малку за вистината, за суштината…

Васил Гарванлиев на Песна за Евровизија не се претставува себеси како Македонец и Бугарин. Ниту го претставува „струмичкиот дух”. Тој ја претставува нашата држава. Со новото име – Северна Македонија. Неговиот настап не го плаќаат ни Бугарија, ни Струмица, ни СДСМ, туку македонските даночни обврзници. Затоа е официјален претставник.

Исто како и струмичанецот Горан Пандев, кога игра за македонската фудбалска репрезентација. Тој тогаш е Македонец и не вели дека е Италијанец и дека некоја негова баба е по потекло од Калабрија. А човекот има италијанско државјанство. И има право да се чувствува и како Италијанец. И има право да има дури и баба од Калабрија.

Јас така го разбирам „струмичкиот дух”. Двајцата струмичани се успешни интернационалци (како и многу други пејачи и фудбалери по белиов свет), но кога официјално ја претставуваат својата држава, тие се само горди Македонци. Тоа ли некому не му одговара? Тоа ли е шовинизам?

Не би имал ништо против Гарванлиев официјално да ја претставува и Бугарија. Или Малта. Големта или Малта, апсолутно сеедно ми е. Ама треба друг да го избере, друг да го прогласи за свој официјален претставник и друг да му го организира и плати настапот, со сите придружни активности.

Нејсе. Васил Гарванлиев ми стои разбрано момче. Тој ја сфати својата грешка и го поправи спотот. Останува уште да се извини за интервјуто и да внимава во идните јавни настапи.

Најважно од сė, ако е паметен, како што мислам дека е, треба веднаш да ги замоли политиците во Македонија да не го „бранат”. И да престанат да собираат евтини политички поени на негова слава. Од тоа нема да се усреќи. Напротив, само штета му прават.

А и лошо друштво се, во секој поглед. Костадинов да те брани, па ве молам. Освен тоа, гласањето не можат да го наместат. Друго ќе беше Евровизија да имаше купено софтвер од Рашковски. Со опроштење на „струмичкиот дух”…

Поврзани содржини