ТОА Е КАКО ДА ВИ ГО СЕЧАТ СТОМАКОТ, НО МОРА ДА ОДЛУЧИТЕ Ковачевски зборува за Бугарија, за буџетот и за вистинската страна на историјата

Утре е голем празник. Ние сме држава која била на вистинската страна на историјата. И сега сме на вистинската страна. Од тој пат никогаш немаме отстапено. И јас го делам чуството со македонските граѓани во однос дискурсот на сите коментари и изјави кои допираа до нас претходниот период додека се водеа разговорите со Бугарија. Тоа е чуствство како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот, вие мора да донесете одлука која се однесува на идните генерации, вели премиерот во интервју за ТВ24.

670

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски во вечерашното гостување на ТВ 24 зборувајќи за утрешниот празник рече дека Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата.

– Утре е голем празник. Ние сме држава која била на вистинската страна на историјата. И сега сме на вистинската страна. Од тој пат никогаш немаме отстапено.
И јас го делам чуството со македонските граѓани во однос дискурсот на сите коментари и изјави кои допираа до нас претходниот период додека се водеа разговорите со Бугарија. Тоа е чувство како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот, вие мора да донесете одлука која се однесува на идните генерации – вели премиерот и додава:






– Помеѓу мене и лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и на некои нови сателити околу нив е во тоа што тие сакаат предку изјави за минатото да ги направат горди, ама горди да седат сами на мала маса, како досега. Јас сакам да ги направам граѓаните горди, но да се седат на големата маса, со заштитен идентитет.

Седиме во Брисел како Македонци, преговараме на македонски јазик

Според Ковачевски со крената глава како Македонци седиме и на македонски преговараме во Брисел, а целото законодавство се преведува на македонски јазик.

-Тоа успеавме да го направиме, на првата Меѓувладина конференција со ЕУ јас говорев на македонски јазик, исто како што зборував во ОН. Сите законодавства на ЕУ се преведуваат на македонски јазик за да се одвива процесот на скринингот кој што веќе започна. Наши тимови, на македонски јазик преговараат со ЕУ, а сите ваши колеги беа сведоци кога бевме во Брисел, кога на сите преведувачки техники беше јасно означен македонскиот јазик. Ние таму бевме Македонци. По мене тоа е најголемиот патриотизам што треба едно лидерство во државата да го направи – рече Ковачевски.

Вистинската страна на историјата

Во пресрет на големиот државен празник, 11 Октомври, Денот на народно-ослободителното востание Ковачевски рече како држава секогаш сме биле на вистинската страна на историјата.

– Ние сме држава која што била на вистинската страна на историјата, и сега сме на вистинската страна на историјата, како што и секогаш сме биле. Низ таа народноослободителна борба ние сме ја изградиле нашата независна држава во која што живееме и денес и од тој пат никогаш немаме отстапено и нема да отстапиме – рече Ковачевски.

„Броилото“ е фабрикувано

Во однос на аферата „Броило“ која ја објави опозициската ВМРО-ДПМНЕ премиерот вели дека тоа се фабрикувани лаги.

– За сите фабрикувани лаги од ВМРО-ДПМНЕ треба да ми се извинат. Од првиот ден кога станав кандидат за претседател на СДСМ почна канонадата од ВМРО-ДПМНЕ врз мене. Прво беше какво ми било образованието, па потоа дали сум бил пиун на претходниот претседател, пота продолжи дали имам легитимитет, потоа се занимаваа со тоа што ми се случувало мене пред 25 години, па потоа ми споменуваа мртви роднини. Мртви роднини ми споменуваа, мртви деца на мртви роднини за на крајот да фабрикуваат лаги. Затоа што тие беа фатени во афера со 136 милиони евра на местење на тендер. И тоа не го кажав јас не го кажа СДСМ. Тоа беше обвинување од градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје кон директорите и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Тие 1 година имаат локална власт во Скопје – истакна Ковачевски.

Претседателот Ковачевски потсети дека во моментот кога станал заменик министер за финансии го повлекол својот удел од компанијата и тоа е нотирано и во неговиот анкетен лист. Денеска ДКСК соопшти дека нема основа да отвори предмет со што ги демантираше фабрикуваните лаги на ВМРО-ДПМНЕ.

Се кратат 100 милиони евра, буџетот е ликвиден

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за 24 Анализа истакна дека Буџетот на државата е ликвиден, се врши редовна исплата на пензиите, платите, а се реализираат и мерките кои Владата ги има проектирано, како и мерките од последниот пакет на антикризни мерки за најранливите категории на граѓани. Премиерот Ковачевски појасни дека во услови на криза се прави и пренамена на средства и дека секоја промена во Буџетот оди како ребаланс или како прераспределба, која исто така ја спрема Владата и се поднесува во Собранието.
– Сега над 100 милиони евра се кратат одредени трошоци за кои сметаме дека не се неопходни во услови на криза, за да се пренаменат за справување со кризата односно обезбедување на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија со храната и исплата на антикризните мерки. Тоа значи дека приходите на Буџетот, задолжувањето кое го направивме како и дефицитот што е проектиран обезбедуваат исплата и финансирање на сите овие издатоци кои се предвидени – истакна Ковачевски и додаде дека оние трошења во делот на капиталните инвестиции кои не се потрошени во текот на изминатите три квартали се одземаат од корисниците и се пренаменуваат таму каде што можат подобро да се искористат.

Ковачевски  истакна дека вкупната сума која што од Буџетот ќе биде исплатена надминува 220 милиони евра само за субвенционирање на електричната енергија која ја плаќаат граѓаните, поточно 610.000 домаќинства во државата и 72.000 мали и средни претпријатија до 50 вработени со обрт до два милиони евра, а тоа се компании кои вработуваат 98 отсто од вработените во нашата држава.

Од ноември ќе почне исплатата на ранливите групи и на пензионерите

– Субвенционирањето на струјата значи дека ќе има нов издаток од Буџетот. Тоа го правиме во трет наврат до крајот на годината. Тоа значи дека доколку не е таа субвенција којашто државата ја дава преку ЕСМ, сметките на граѓаните би биле пет пати поголеми од тоа што го плаќаат – подвлекува премиерот  и објаснува дека со оваа интервенција на Владата се задржува ликвидноста на системот.

Планот е од ноември да почне исплатата на финансиската поддршка за ранливите категории граѓани и за пензионерите, истакна вечерва премиерот Димитар Ковачевски, зборувајќи за помошта што ја определи Владата за справување со енергетската криза во државата.

Тој, во интервјуто на ТВ 24 појасни дека исплатата на неколкумесечната финансиска поддршка за најранливите категории на граѓани, односно 41.878 лица коишто ќе добијат вкупна поддршка од 12.000 денари, односно четири месеци по 3000 денар и поддршката за пензионерите  кои земаат пензија во висина од 11.525 денари до 14.000 денари, ќе оди со измени во законската регулатива.

– Денеска на Влада донесовме одлука да се подготви закон за финансиска поддршка на ранливи категории на граѓани во време на криза. Намерата е од ноември да почнат исплатите на финансиските средства за овие категории на граѓани, 41.878 од ранливите категории и на 130 000 од категоријата на пензионерите. Се опфаќа поширок спектар на граѓани. Од ноември е планот да почне. Јас се надевам дека политичките партии и сите пратеници во Собранието ќе бидат на висина на својата задача и веднаш, штом ќе биде во текот на оваа недела доставено законското решение, дека ќе влезе во собраниска процедура и ќе биде одобрено – нагласи Ковачевски.

Претпријатијата да штедат, ќе се анализира дали има потреба од принуден одмор

Во однос на штедењетона струја, премиерот смета дека треба да се направи анализа дали јавни претпријатија имаат потреба од сите вработени во моментов или дел од нив би можеле да бидат пратени на одмор со цел да се заштеди енергија.

– Има јавни претпријатија во која има голем број на вработени. Тие треба да направат анализа дали имаат потреба од сите луѓе во секое време или дел од нив може да одат на одмор, со цел да се заштеди енергија – објаснува тој.

Тој потсети дека Владата донесе одлука и им наложи на јавните претпријатија и државните институции и агенции да ги намалат трошоците.

– Ќе се прави и ревизија на менаџерските договори на јавните претпријатија, бидејќи забележавме многу големи суми, особено кај претпријатија кои прават загуби – најавува Ковачевски.

Премиерот додаде дека покрај јавните претпријатија и општините ќе мора да го прилагодат начинот на работа и да ги намалат трошоците заради справување со последиците од кризата.

 

 

 

Поврзани содржини