ТОА Е ЕДЕН ОД НАЈШТЕТНИТЕ ДОКУМЕНТИ ВО НАШАТА ИСТОРИЈА За Муцунски протоколот со Бугарија нема никаква правна примена
Имаме јасно очигледно и недвосмислено негирање на идентитетот и јазикот. Факт е дека има земја членка на ЕУ која го негира македонскиот идентитет и низ призмата на таа негација воспоставува пречка, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Развојот на состојбата со иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија пред Уставниот суд ќе потврди дали уставните измени се единствената пречка за Бугарија да се откочи нашиот евроинтеграциски процес, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Иницијативата за оценка на уставноста на т.н. втор протокол со Бугарија ја поднесе поранешната пратеничка на ДОМ. Лилјана Поповска.
– Бугарија во официјалните позиции до кои се држи барем досега, вели дека единствен проблем се уставните измени. За жал, не верувам во тоа, бидејќи ја следам и реториката и она што се прави на дело, вклучително и она што се случува во Европскиот Парламент. Меѓу другото и развојот на оваа состојба ќе биде една потврда дали се само уставните измени проблем или има нешто многу повеќе. Пред сè, бидејќи овој протокол во неговата содржина излегува надвор од рамките на Договорот за добрососедство, каде што Бугарија самата е обврзана да нè поддржува на патот во евроинтеграциите. Ќе следиме, имаме повеќе сценарија, размислуваме што може да се случи. Секако наш приоритет останува патот кон членство во ЕУ, за разлика од нашите претходници – рече Муцунски вечерва во гостување на Канал 5.
Според него, т.н. протокол е еден од најштетните документи во историјата на нашата надворешна политика и таков каков што е во овој момент нема никаква задолжителна правна примена.
– Тоа е од повеќе причини, веројатно и Уставниот суд треба да даде свое гледиште, од гледна точка на самата процедура, од гледна точка како е тој склучен, земајќи го во предвид меѓународното јавно право, неговата содржина. Тоа што си го има дозволено да го потпише мојот претходник најдиректно кажано е катастрофално и може да создаде многу негативни и штетни последици. Но, во овој момент тој нема никаква задолжителна правна примена и не произведува никави правни последици за државата – рече Муцунски.
Имаме, нагласи, постапка пред Уставниот суд, тој треба да биде независен и да го даде своето гледиште.
– Но, таму има елементи, работи и детали, дури и некои аспекти кои не соодветствуваат со вредностите на 21. век и вредностите на ЕУ – рече министерот.
Муцунски порача дека нашите односи со Софија не треба да се мерат со ваков вид прашања, туку треба да бидат прогресивни, да гледаат кон иднината и да бидат насочени кон изноѓање решенија.
– Да очекуваме дека Софија конечно ќе излезе од реториката на 19. век. Не може земја членка на ЕУ постојано да се повикува на стандарди поврзани со човекови права, а истовремено да негира права поврзани со самоопределувањето, со нашето толкување на нашата национална историја, на нашиот јазик и на други елементи кои се дел од нашите идентитетски обележја како како народ. Тоа е фундаментално човеково право. Нашите билатерални односи треба да бидат во насока на наоѓање решенија за сите овие предизвици и гледајќи напред да ја движиме државата кон ЕУ – рече Муцунски.
Тој соопшти дека сè уште нема одговор од бугарската страна за предлогот од премиерот Христијан Мицкоски до Европскиот Парламент да се поднесе заедничка резолуција за гаранција на македонскиот идентитет и за македонскиот јазик.
Со бугарскиот колега Георг Георгиев нема остварена формална комуникација, но вели дека веројатно по летните одмори ќе има повеќе можности да се сретнат.
– Отворени сме за дискусија. Сите досегашни средби се иницијативи од наша страна, мора да се гледаме, мора отворено да дискутираме и да бараме решенија. Ние разбираме дека ние сме таа земја која сака да ги почне преговорите со ЕУ и дека ја имаме од таа гледна точка ургентноста за наоѓање решение и низ таа призма треба да се гледа иницијативата на премиерот. Имаме јасно очигледно и недвосмислено негирање на идентитетот и јазикот. Факт е дека има земја членка на ЕУ која го негира македонскиот идентитет и низ призмата на таа негација воспоставува пречка. Ова е една од тие иницијативи на нашата прокативност за наоѓање наин да се надмине таа пречка, која може да има и далекусежна последица – рече Муцунски.
Повика на разум и на гледање на тоа што може да нè обедини.
Тој изрази жалење што, како што рече, реториката од Софија е страшно негативна, како и дека таква реторика има и опозицијата.
– СДСМ свесно или несвесно е навлезен во реториката на Бугарија, дали е намерно или ненамерно треба да одговорат тие – посочи шефот на македонската дипломатија.