Тоа бачило петочна урда и сурутка дава, а сирење – веќе не!
За повеќето македонски партии, а особено за поголемите, може да се каже онаа народната „тоа бачило такво сирење дава“. Но, бачилото СДСМ веќе не дава никакво сирење. Народот не е мутав. Гледа, јасно му е и гласно коментира– овие на Илинденска, едноставно, не ги бива. Не помага тука ни мастер планот за враќањето на Груевски, последната надеж за пресврт пред изборите. Време е да се плати цехот за неуспесите.
Рокот за изградба на автопатот Кичево – Охрид е крајот на 2023 година. По овој пат мора да се вози со автомобили од Кичево до Охрид во јануари 2024 година!
Ова се зборови на премиерот Димитар Ковачевски од јавен собир. Искажани на јавен собир, во време кога се уште некој можеби можел да поверува дека – зборот си е збор.
Тогаш Ковачевски го повика својот министер за транспорт и врски Благој Бочварски да стане – ах, да стане како Цаци, да го види сала! – а присутните ги повика да му дадат поддршка, за да го исполни премиерското лесно дадено ветување.
Ова се случи на 19 ноември 2022 година.
Нецела година потоа, Ковачевски, Стани Благој Бочварски и лутиот вицепремиер Артан Груби, на сличен собир, побараа виновници за тоа што до сега на овој пат нема ниту 1 метар асфалт, најавуваат ревизија и прекин на договорот со Кинезите.
Во петокот, на конференцијата за патната инфраструктура, што се одржала во Охрид, министерот Бочварски за својот неуспех го обвинил моделот кој се применува при изградба на патиштата. Тој и директорот на јавното претпријатие за државни патишта смислиле „нов концепт за ефикасно градежништво“. Според статистиката, до сега сме граделе 5,8 километри автопат годишно, а новиот концепт ни дава можност да градиме над 20 километри годишно, објаснил директорот Рустеми.
Ви се верува ли дека овие од Илинденска, кои четврта година ги крпат дупките на автопатот Скопје – Катланово и никако да ги закрпат, се способни да изградат 20 километри автопат годишно?
Или барем 2 километри?
Па и 2 метри за нив би било епохално достигнување…
Нема да полемизирам со ниту едно од новите „откритија“ на владата на Ковачевски поврзано со моделите и концептите. Веројатно „генијалците“ се во право и дека може да се гради и попаметно и поефикасно. Но, сепак ќе поставам неколку логични прашања.
Дали на 19 ноември 2022 година постоеше некаков друг модел на градење, а не овој што сега е во сила и го критикуваат Стани Благој Бочварски и тој Рустеми?
Дали владата на Никола Груевски ги изгради автопатите Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип и ги заврши Скопската обиколница и автопатот од Куманово до Табановце според некој друг концепт?
Знаеше ли Радмила Шеќеринска за тој лош модел, кога од позиција на прва придружничка на мистер Зоран Заев во владата што требаше да донесе живот за сите, вети дека автопатот Кичево – Охрид, со сите нишани, ќе биде готов во 2021 година?
Дали е претерана проценката дека по тој стар концепт, со сите „административни“ и други „пречки“, Кинезите сепак завршија половина од градежните работи на автопатот Кичево – Охрид?
Концептот ли е виновен што после 600 милиони евра потрошени на изградбата на овој автопат досега немаме ниту 1 метар асфалт на трасата долга 40 километри?
Кинезите ли се виновни? Или договорот со Кинезите? Патем речено, тој договор е идентичен со договорот за изградбата на Миладиновци – Штип…
Моделот ли е виновникот што после четири години ветувања за автопат од Скопје до граничниот премин Блаце, до сега и на оваа траса нема ни 1 метар асфалт? Државата има договор со компанијата „Гранит“ за изградба на првите 2 километра од овој автопат.
Косовците, за споредба, баш викендов објавија дека изградиле два долги тунела на пругата од Генерал Јанковиќ до Косово Поље и сега секој може од граничниот премин Блаце до Приштина да патува со воз. До Блаце се стасува по туцаник…
Но, да се вратиме на темата…
Како тоа Никола Груевски успеа за 11 години да изгради над 75 километри нови автопати, а Заев и Ковачевски за 7 години не успеаја да изградат, односно да завршат, ниту 1 метар?
Можеби тоа може да ни го објасни Груби? Тој е втор човек на ДУИ, а таа партија беше верен партнер и во двете влади.
Дали не е е факт и тоа дека после онаа оптимистичка премиерска најава пред една година, Стани Благој Бочварски и тој Ејуп Рустеми, толку колку што знаат и умеат да менаџираат, се помачија да му помогнат на својот шеф свечено да пресече барем една лента на делницата на автопатот Кичево – Охрид на која објективни може да се постави асфалт. За да може и Таче малку да се чалами. Цело лето, среде туристичката сезона, влезот во Охрид беше „градилиште“. И џабе – не успеаја да стават ни 1 метар асфалт!
Кој е виновен за тоа?
Ако мене ме прашате, не се Стани Благој Бочварски и тој Ејуп Рустеми повеќе виновни за неуспехот од самиот премиер, кој обожува своите министри да ги станува и да ги покажува да ги види сала. Без да размисли колку им сече…
А и Таче, за својот неуспех да пресече макар една црвена лента, не е ништо повиновен од својот претходник Заев.
Во годините пред Заевата ера (п.з.е.), неуспесите се „казнуваа“ со изнудени оставки, смени и реконструкции. Во времето на Љубчо Георгиевски, овие драми водеа кон формирање вмровски клон-партии, каква што е и неговата сега. Од оставштината на Бранко Црвенковски паметиме „хокеарски“ реконструкции. Никола Груевски беше мајстор за „рокади“ од кои сите беа, или мораа да бидат задоволни. Во последните 7 години з.е. живееме во време на неказнивост, но и на политичка неодговорност и несменливост. Отсуството на чувство за политичка одговорност ја засилува некапацитетноста на луѓето во кабинетите, а резултат од тоа е оваа трагична неспособност која кулминира токму сега.
СДСМ на Ковачевски за тоа ќе го плати цехот. Не Бочварски или Рустеми. И не Артан Груби, бездруго.
За повеќето македонски партии, а особено за поголемите, може да се каже онаа народната „тоа бачило такво сирење дава“. Но, бачилото СДСМ веќе не дава никакво сирење, евентуално малку петочна урда и сурутка.
А народот не е мутав. Гледа, јасно му е и гласно коментира– овие на Илинденска, едноставно, не ги бива!
Овие немаат ни метар асфалт за постилање, а се фалат со километри и километри безвредни модели и концепти на хартија.
Ете, тоа на изборите ќе биде казнето. Безмилосно.
Не помага тука ни мастер планот за враќањето на Груевски, последната надеж за пресврт пред изборите.
Овој народ веќе не се купува лесно со лаги и со измами.
Кој тоа не го разбрал до сега, веќе нема време – доцна е. Часот е 12 и 5.
ПС. Богдан Илиевски во петокот беше вреден и ги собра сите клучни изјави на оваа тема за својот стенд-ап за вечерното шоу на ТВ Алфа. Јас викендов бев мрзелив и ги искористив тие изјави. Ова е линк до неговиот духовит стенд-ап: