Тој ни помогна и ние да ѕирнеме во светот на неутешливата темнина
Мислам дека ретко кој можеше да го разбере визионерството на нашиот колега. Но, немаше човек што не го почувстувува. Марјан, на некој начин, беше проповедник. И така, акцијата доживеа неверојатен успех и тој набрзо доби компјутер и читач, со кој секој текст лесно и брзо се претвораше во Брајово писмо под неговите вешти прсти.
Марјан Јанев беше еден од најсветлите ликови на мојата генерација студенти на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје.
А од дете беше без вид.
Јас сум само еден од оние на кои тој ни помогна да ја видиме и таа страна на животот. Да ѕирнеме во светот на неутешливата темнина. Да прогледаме, на некој начин…
Не му беше лесно на нашиот колега. И во она време, токму како и сега, лицата со оштетен вид се соочуваа со мнобројни предрасуди и безмалку непремостливи пречки. Наместо да им помогне да ги развиваат своите таленти, да се школуваат, да се реализираат во професиите кои за нив само навидум беа недостижни, општеството систематски ги насочуваше овие луѓе на маргините, во надеж дека со „парчето леб“ под мишка и со белото стапче под рака ќе им овозможи каков-таков, демек пристоен живот.
Уште при првата средба со Марјан Јанев, на сите ни беше јасно дека тој нема да се задоволи со таков „комфор“. Тој сакаше и докажа дека може многу повеќе. И дека има право да цели високо, рамноправно со нас другите.
Нѐ збуни. Буквално нѐ зашемети со својата нескротлива амбиција и со огромната енергија што ја вложуваше секој ден, за да ги оствари своите цели.
А мораше да вложува три пати повеќе од секој од нас. И да трпи три пати повеќе од секој од нас. Но, сето тоа го правеше со оптимизам, со насмевка и со една чудна упорност и тврдоглавост дури.
Мислам дека тие особини, од кои не се сите и не се секогаш за фалење, е она што мене лично ме поврза со мојот нов пријател и со неговите родители.
Но, пак ќе речам, јас сум само еден од многуте на кои Марјан ни помогна да видиме една друга димензија на животот.
Беше икона на нашата генерација. Беше дел од нашите студентски дружби, бунтувања и илузии. Беше омилен.
Беше почитуван од професорите, кои умееја да го наградат неговиот труд.
Се сеќавам и на некои други добри и храбри луѓе од она време, на кои Марјан им ги отвори очите.
Откако заедно положивме Социјална психологија кај Јаков Лазароски, тогаш претседател на Сојузот на комунистите, професорот ни рече: „Првиот ден откако Марјан ќе дипломира, да ве видам двајцата кај мене во кабинетот во Централниот комитет“. Така и бидна, се јавивме на заповед. Лазароски веднаш го побара по телефон Вјекослав Прокопенко, тогаш чинам директор или уредник на Македонското радио. Му рече: „Од утре имаш нов новинар таму кај тебе“. Речено сторено. Марјан Јанев влезе во Радиото и таму остана сѐ до своето предвремено пензионирање.
Кога ја покренавме добротворната акција за набавка на опрема за „компјутерско“ читање текст на Брајовото писмо, нѐ повика Иван Андреевски Мачето, тогаш уредник на Македнската телевизија и наш ментор од факултетот. Ни понуди ударен термин на МТВ, со цел Марјан да ја објасни својата идеја. А неговата идеја во она време беше речиси нестварна, да не речам необјаснива. И мене не ми беше лесно да го разберам, иако тој со денови ми објаснуваше што сѐ може да стори компјутерската технологија за лицата без вид.
Мислам дека ретко кој можеше да го разбере визионерството на нашиот колега. Но, немаше човек што не го почувстувува. Марјан, на некој начин, беше проповедник. И така, акцијата доживеа неверојатен успех и тој набрзо доби компјутер и читач, со кој секој текст лесно и брзо се претвораше во Брајово писмо под неговите вешти прсти.
А тоа… па тоа беше чудо! Генерации и генерации лица со оштетен вид после тој прв пробив имаа огромен бенефит од визионерството и од упорноста на Марјан Јанев. Е сега, колку тоа општество умееше да го препознае и да го цени тој огромен придонес, тоа е веќе друга приказна…
Во средината на 1990-тите години, кога го основавме „Дневник“, Миле Јовановски, Александар Дамовски и јас се потрудивме да го убедиме Марјана да дојде со нас. Јас го потсетив дека тој ни беше прв уредник, на првото студенско гласило на Факултетот за новинарство (ФН Гласник, така се викаше), од кој излезе еден број, а вториот беше отпечатен но забранет за дистрибуција. Се убедувавме долго со него. Но, Марјан беше и си остана со своето убедување дека не сака никому да биде товар, ги нарами своите проблеми на свои плеќи и продолжи во животот да се пробива сам – упорен, борбен и тврдоглав. Таков каков што го сакавме, всушност.
Со текот на годините, за жал, сите ние, некој повеќе а некој помалку, се оддалечивме меѓу себе. И од него. По неговото враќање во родната Струмица, најдолго со него остана во контакт колегата Бранко Ѓоргевски, кој утрово ми јави дека Марјан починал. Осамен. Како и сите ние, секој на свој начин. А пак, ете, ниту во осаменоста не можевме да се натпреваруваме со него.
Колку и да звучи банално, ме теши надежта дека споменот на нашиот Марјан ќе живее со нас до крајот на нашите животи. Можеби треба да се потрудиме тој да потрае и подолго од нас. Како инспирација за оние млади луѓе кои сѐ уште веруваат дека човекот со љубов, со труд и со упорност може и планина да помести.
Ах да, па тоа и не е баш нешто.
Човек може дури и да прогледа. Во светот на неутешливата темнина.
Како наш Марјан…