Тивко умирање на рати

986

Воопшто немам намера да се впуштам (како оној „аналитичар-проценител“ пред некој ден) во елаборација за и околу оваа збирштина којашто – со чесни еден-два исклучоци – себеси сака да се гледа, ни помалку ни повеќе, туку како потенцијален претседател на Македонија. Тоа што најголемиот дел од нив не би бил квалификуван ни за претседател на некој куќен совет, не го менува многу фактот дека тие, во нивните „биографии“, ќе запишат дека биле кандидати за претседател на државата. И тоа ќе го раскажуваат на внуците, некои можеби и на правнуците… Доволно е да го слушате оној Османи на поткастот на Плусинфо и сѐ да ви стане јасно. Ако до сега не ви било, се разбира. И замислете да имате таков претседател, синоним на чиста манипулација, наопаку поставени тези, флоскули и измислици, со енормна и со ништо непоткрепена суета…, страотно!

Згора, не се срами дури ни да нѐ „просветли“ дека „Ако и на овие претседателски избори се покаже дека етничката припадност кон мнозинската заедница е клучна за изборот на шефот на државата, тоа ќе покаже дека имаме проблем што мора да се реши“ (sic!). Ние, не тие, ние ќе сме имале проблем ако не го избереме баш него. И тоа ни е единствениот сериозен проблем во државава. И Русија, се разбира, зашто сите ние – Македонците, се разбира – јавно или тајно работиме за Путин. И дома чуваме негова врамена фотографија. Голема или мала, сеедно. Сите ние освен онаа клиентела што јавно одработува за него и неговите пајташи во двата коалициски етнотабори!






Што, можеби, некој ќе го види само како локален моментен фолклор, но од историска гледна точка идните проучувачи ќе бидат фрапирани од целосната неодговорност на македонската јавност кон сопствената земја, сопствената иднина, кон идните генерации. Зашто, замислете, врз овие осум, плус претходнине единаесет (во коишто овој лик повторно беше – министер), уште пет нови загубени години? Да, тие не се којзнае што во однос на „вечноста“, ама во овој важен миг, во ова премрежие, изборот на Османи да ни е единствениот проблем? Или некому му треба токму ова и вакво распродавање на сегашноста и иднината и тивкото умирање на рати на оваа држава?

Па дури нека претседателската трка биде и ваков провинциски циркус, нека има толку „кандидати“ ако тоа го поткрева нивното самочувство – или привидот за истото – на важност во рамките на партијата, семејството, пријателите, работното место итн. Што би рекол Ворхол, секој во животот ќе биде славен барем пет минути. Но, ова ли се тие нивни пет минути? Па добро, нека им се. Но, ако на Фатиме Фетаи слепцине во Советот на јавни обвинители ѝ бараа документ за познавање на македонскиот јазик и деловна способност за да биде јавен обвинител, зошто тоа никој не го бара од претседателскиве „кандидати“? Или во државава е поважна функцијата на јавен обвинител од – претседател? Или, ако баш сакате, не треба ли, не е ли дури неопходно да се бараат и поспецифични здравствени потврди? Или ние навистина си играме избор на претседател?

Но, претседател на што, на државата? На која држава? Оваа каде техничкиот премиер влетува во канцеларии на администрацијата и воведува некаков негов „ред“; во која три месеци пред избори се носи (со европско знаменце!) закон за очебијна медиумска корупција; во која дури од САД еден „претседателски“ кандидат му се заблагодарува на „лидеро“ за номинацијата; каде (повторно) три месеци пред избори се шверцува некакаква грчка „енергетска транзиција“ а на надлежната шушумига сега му текна дека нашите и неговите деца дишат загаден воздух… итн.?

Не само овој воздух, туку општата атмосфера во државава е прекумерно загадена од такви типови, изложени сме на тивко но безгласно умирање бидејќи партиските пулени во Собранието не смеат да мислат со својата глава – ако и понатаму ја имаат, се разбира – а уште помалку можат самостојно да одлучуваат бидејќи однапред се согласиле со улогата на немтури кои комуницираат со помош на притискање на копчиња! И ние тоа го нарекуваме – демократија? И со тоа сакаме да станеме членка на европското демократско семејство?

Не дека нешто посебно го ценам тоа „семејство“, но единствениот потенцијален излез од овој смртоносен лавиринт за оваа држава е токму тоа фалично „семејство“. Какво е – такво е, но сепак наликува на семејство. Нашево веќе не наликува на ништо. Меѓутоа, не така како што предлага „компетитивниот кандидат“, оној кој „успеа да го внесе македонскиот јазик како официјален јазик во Европската унија“ (sic!). Не на тој шибицарски начин: ајде да го прашаме народот дали е за Европската унија! Туку, со вистинското прашање: дали овој народ е за Европската унија на таков недостоинствен, мизерен начин каков што одработи Османи и неговата братија во Владата, дали овој народ е за Европската Унија со него и таквите околу него, со оние стечајни управници од типот на Џафери, Ковачевски, Пендаровски и компанија? Тоа се вистинските прашања а не оние негови/нивни флоскули!

Зашто, кој како сака може да говори, но со нив и од нив оваа држава умира! Тивко, за некого незабележливо, но сепак со многу, многу јасни назнаки за блиската смрт. А сепак, многумина едноставно одбиваат да ги видат симптомите, не сакаат докрај да ги отворат очите пред застрашувачките факти. Оние кои се за тоа платени – онаа бедна клиентела околу оваа власт – дури човек и може да ја разбере: таа за тоа е дебело наградена, дури преплатена. Но, неразбирливо е однесувањето на остатокот од јавноста зашто затворањето на очите пред страотниот проблем не значи дека тој едноставно – ќе исчезне!

Не, напротив, проблемот само (ќе) расте од ден во ден, нашето игнорирање (ќе) го храни, криминалците (ќе) ги осилува…, а општеството (ќе) се распаѓа, државата одамна ги загуби сите достоинствени атрибути, институциите се окупирани и ограбени. Ние полека влегуваме во коматозна фаза на замирање на сите државни функции и нивна супституција со недефинирани „тела“ на силеџииве во власта. И повторно: погледнете го однесувањето на техничкиот премиер, на молкот на членовите на Владата, на Собранието и пратениците во него…! Зарем тоа наликува на – држава?!

И повторно, нашата апатија, нашето нереагирање и вртењето глава нема да го отстрани суштинскиот проблем: државата е во колапс, пред тивка но одамна најавена смрт којашто сите се прават дека не ја гледаат. Некому, на еден грст криминалци во власта, тоа им одговара. И прават сѐ да го одвратат вниманието на јавноста од вистинските проблеми. Во таа насока е и новата „формула“ за заташкување на целиот криминал, корупција и неспособност на оваа власт: Русија! Односно „судирот“ Исток и Запад и ние како негова „жртва“. Сега, повторно, Русија ќе биде виновна за сѐ, како што до неодамна беше ковид пандемијата: за сите криминали и корупција, за аерозагадувањето, за партократијата и непотизмот, за неспособните директори и администрација, за високите цени и огромните плати на криминалциве…, а тие ќе нѐ спасуваат од тоа!

И тоа со „позитивна кампања“ и натпревар „со идеи и дела“. Па дајте некој нека побара да ги набројат тие нивни „идеи и дела“ или нека ни посочат каде да ги побараме. Можеби во последниот извештај на Европската комисија за Македонија?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини