Тито од сенка уживал во погледот на езерото Треска (ФОТО)

Се обидовме да копаме бунари но таа варијанта беше многу скапа. Се обидовме на сите начини, но не успеавме да добиме вода за капење, објаснува Трајановски, кој жали што не успеал во неговиот мандат да го врати во животот на езерото Треска.

6,290

Во јавноста не прекинуваат реакциите околу плановите за езерото Треска, иако булдожерите таму веќе интензивно работат за да ја реализираат идејата на општина Сарај за изградба на туристичка развојна зона.

Станува збор за 35 хектари кои со години беа напуштени и покрај тоа што имаше неколку обиди комплекост да се огради, водата во езерото да се исчисти и рекреативниот центар повторно да заживее.






Градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети чека владина одлука за пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, за прогласување на туристичка развојна зона, што ќе значи изградба на хотели, деловни објекти, а се најавуваат и казина.

Демократскиот сојуз деновиве побара Советот на Град Скопје и градоначалникот на Скопје, да ги преземат сите законски мерки за да спречат езерото Треска да се одземе од граѓаните на Скопје, да се претвари во градилиште и профит на урбаната мафија.

– Езерото е градено со самопридонес на граѓаните на Скопје и никој друг нема право да располага со него. Независно какви постапки се спроведени, граѓаните на Скопје на референдум одлучија да се гради, за тоа платија и никој друг на смее локацијата да ја пренамени и да ги лиши граѓаните од рекреативен центар кој им е толку потребен на сите – потсетија од Сојузот.

Градочалникот на Скопје, Петре Шилегов, иако во предизборната кампања ветуваше дека ќе им го врати езерото на скопјани, деновиве изјави дека Град Скопје нема надлежност врз него.

– Владата уште во 2017 година одлучи местото околу Треска да стане туристичка зона, а со тоа задолжение доби општина Сарај, да донесе Детален урбанистички план и да се влезе во реализација – изјави Шилегов во емисијата „360 степени“, според кого при крај се и разговорите со инвеститорите.

Според Шилегов, ингеренции на општина Сарај за езерото Треска и околината ѝ се дадени со одлука на Советот на Град Скопје некаде во 2011 година во време на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2017 година, тие се обиделе да дадат вредност на овој рекреативен центар да биде од државен интерес.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ го нараче Шилегов лажго, зашто во изборната кампања ветувал дека ќе го врати сјајот на езерото, а сега крева раце од тоа.

– Лицемерно е што ме повикуваат како градоначалник на Скопје мене, а тие го создале проблемот пред 11 години – рече Шилегов.

Тито го посетил езерото Треска

Неговиот претходник Коце Трајановски за „Слободен печат“ изјави дека не е вистина оти Градот донел одлука да го отстапи езерото Треска во владение на општина Сарај, дека тоа го направила владата, а тој како градоначалник бил против.

Трајановски жали што не успеал во неговиот мандат да го врати во животот на езерото Треска.

– Уште кога станав градоначалник во 2009 една од планираните активности беше ревитализација на езерото Треска. Планирани беа 10 милиони денари. Почнавме со ревитализација, ја испуштивме водата, го исчистивме талогот, го саниравме коритото, но проблем беше да донесеме вода, сакавме од реката Треска да донесеме вода, но дознавме дека во цевководот што го изградил Ристо Пенов се влевале фекалии. Ја испитавме водата од реката Треска и според направените анализи истата беше неисправна за капење. Потоа пуштивме екипи до изворите на Треска и констатиравме дека некоја локална депонија од Кичево и фабриката во Самоков ја загадуваат водата. Се обидовме да копаме бунари но таа варијанта беше многу скапа. Се обидовме на сите начини, но не успеавме да добиме вода за капење – објаснува Трајановски.

Пред некоја недела сопствениците на камп приколки околу езерото беа информирани да ги отстранат приколките во рок од 60 дена поради почеток на градежни активности.

– Рокот за дислокација на камп приколките е до крај на февруари, сметам дека е разумен рок и има време сопствениците да одлучат што ќе прават со приколките. Ние имаме и јавно претпријатие, сопствениците на приколки можат и таму да се обратат. Шпекулации и невистини се кажувањата дека на локацијата ќе се гради болница или трговски центар. Рекреативниот центар ќе заживее повторно и граѓаните ќе имаат каде да се забавуваат – рече градоначалникот на Сарај Блерим Беџети.

Езерото Треска се протега на површина од 136.000 м2, длабоко беше од 1,6 до 3 м и имаше капацитет од 10.000 капачи. Целиот спортско-рекреативен комплекс е изграден во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје. Поради загаденоста на водата, езерото е затворено за капење од 1998 година.

 

 

Поврзани содржини