ТИРАНА ДА ЈАДЕ, А НА СКОПЈЕ ДА НЕ ДАДЕ? Не ни бегаат жолти елеци ако Албанија побара одвојување во јуни
Ако не се европеизираме со време, тогаш Албанија може да стане привлечна како модел и да предизвика внатрешни тензии во Македонија, односно да се случат немири во една држава којашто стои во место и којашто не се движи напред, предупредува првиот министер за надворешни работи Денко Малески.
Евентуалното одвојување на Албанија од Maкедонија во процесот на интеграција може да предизвика немири и дестабилизација во земјава, тврдат политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, коментирајќи ја саботната изјава на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека не треба да нѐ чуди ако Албанија во јуни побара да ги продолжи интеграциите без нас.
Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, смета дека ако не се европеизираме за брзо време, тогаш Албанија би станала привлечна како модел и тоа би можело да предизвика внатрешни тензии и немири во Македонија.
Во разговорот за Плусинфо, тој се осврна и на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, кој во 2019 година предупреди дека одвојувањето на Албанија и Македонија би можело да предизвика војна.
– Прво и основно, министерот за надворешни работи Бујар Османи добива информации кои другите не ги добиваат, па ако тој вели дека е можно Албанија да тргне напред со преговорите, а ние да останеме назад, тогаш треба да му веруваме. Се согласувам дека е подобро двете земји заедно да чекорат по европскиот пат и заеднички да се борат за влез во европското семејство, оти двете држави имаат поголема тежина кога пристискаат за прием и кога почнуваат преговори. Но, какви последици ќе има забрзаното движење на Албанија кон ЕУ, а какви ќе има нашето заостанување на истиот тој пат? Не можам да проценам колку ова прашање може да влијае врз единството во земјава. Тоа се деликатни ситуации и не се случуваат преку ноќ, но ако не се европеизираме бргу, тогаш Албанија може да стане привлечна како модел и да предизвика внатрешни тензии во Македонија, односно да се случат немири во една држава којашто стои во место и којашто не се движи напред. Тоа е грижата и на францускиот претседател Емануел Макрон, кој пред три години рече дека одвојувањето на Албанија и Македонија би можело да предизвика војна. Затоа, многу е подобро унифицирано да се движиме кон Унијата и заедно со Албанија да ги водиме преговорите, чисто за да не си предизвикаме вакви едни евентуални турбуленции и проблеми – вели Малески.
Треба да гледаме 10 години нанапред и да предвидиме какви последици би можеле да предизвикаат денешните одлуки, додава Малески.
Ако ние овде стоиме во место, а од другата страна на границата, односно во Албанија, гледаме дека е постигнат еден огромен успех, тогаш тоа може да предизвика проблеми.
– Македонската држава мора да покаже дека е способна да ги оствари аспирациите на сите свои граѓани, а тоа е членството во ЕУ, поголем стандард, пооголеми слободи и сѐ останато што доаѓа со европската интеграција. Ако ние овде стоиме во место, а од другата страна на границата, односно во Албанија, гледаме дека е постигнат еден огромен успех, тогаш тоа може да предизвика проблеми. Но, дури и да не постои таков пример од другата страна на границата, сепак успехот се мери според тоа колку брзо се интегрираш во ЕУ, а неуспехот, пак, се мери со стоењето во место. Буквално, на сите тие конференции и средби постои трка за членство во ЕУ. Во таа дипломатска акција, Македонија мора да прокнижи успех – објаснува Малески.
Според Малинка Ристова од Институтот за европски политики, последиците на евентуалното сценарио за одвојување на Албанија во пристапниот процес со ЕУ на внатрешен план кај нас зависат, пред сѐ, од тоа како ќе се постават нашите политички субјекти.
– Најпрвo, да имаме предвид дека како што сега стојат изгледите, процесот ќе биде долг и неизвесен и затоа „претркувањето“ на една или друга земја догорочно нема да значи многу. Од друга страна, засега не постои расположение за одвојување кај земјите членки на ЕУ. Последиците на евентуалното сценарио за одвојување на Албанија во пристапниот процес со ЕУ на внатрешен план кај нас зависат, пред сѐ, од тоа како ќе се постават нашите политички субјекти. Ако тие се фокусирани на вистински реформи, ќе можат да се справат со тоа. Евентуалниот ваков развој на настаните може да има поголемо влијание само доколку домашните политички субјекти тоа го инструментализираат за посебни агенди. Како и да е, можноста за одвојување на Албанија не може и не треба да биде важен фактор во одлуките што ќе се носат во спорот со Бугарија, а особено не за создавање клима за натамошни концесии од македонска страна, кои, пак, ќе имаат сериозно и долгорочно влијание на земјата – вели Ристова за Плусинфо.
Андреја Стојковски од Институтот Преспа, пак, смета дека во моментов не постои концензус помеѓу земјите-членки на ЕУ за да се одвојат Албанија и Македонија од пакетот.
– Не верувам во такви црни сценарија за избувнување војна, а исто така не верувам дека Албанија ќе се одвои од пакетот со Македонија. За да има некакво раздвојување, најпрво треба да постои концензус помеѓу земјите-членки на ЕУ, а јас сметам дека најголемиот дел од тие земји се против одвојувањето. Секако, изјавата на министерот Османи ја помати водата, но водата ја помати и изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, кој истакна дека Албанија ќе бара разделување од пакетот со Македонија. Но, пак ќе кажам, за такво нешто нема согласност и не би можело да се случи. Во моментов, не гледам која е целта да се размислува за такви црни сценарија – вели Стојковски.
За да има некакво раздвојување, најпрво треба да постои концензус помеѓу земјите-членки на ЕУ, а јас сметам дека најголемиот дел од тие земји се против одвојувањето.
Инаку, министерот Османи во саботата истакна дека тој лично лобира кај албанските политичари за да спречи евентуално одвојување на двете земји во процесот на интеграција.
– Доколку се случи такво одвојување, односно Албанија да ги продолжи интеграциите, а ние не, тоа ќе ја отежне нашата позиција. Ние би останале изолирани и уште под голем притисок за да направиме потешки компромиси. Така што, наш интерес е со Албанија да ги почнеме преговорите заедно, бидејќи тогаш имаме една регионална динамика, поголемо внимание, поголемо и геополитичката тежина на процесот, отколку индивидуално, иако потоа секоја земја ќе се движи со брзината со којашто напредува – рече Османи.
Одвојувањето, нагласи шефот на дипломатијата, би било од краткорочен интерес за Албанија.
– Јас им укажувам и на колегите во Албанија, меѓутоа и на земјите-членки дека на дологорочно и Албанија ќе изгуби од таа поделба, затоа што во 2019 беше обратна ситуацијата. Тогаш се зборуваше за одвојување, ние да ги почнеме преговорите, Албанија да не ги почне поради тоа што тогаш имаше проблеми со Холандија и со Франција. Денес можеби сме ние во полоша ситуација поради односот со Бугарија, но не знаеме дали за една година ќе биде обратно. Ние ќе бидеме подобри, а тие ќе бидат полоши. Ако си се влечеме еден со друг барем до една фаза, мислам дека долгорочно ќе имаме интерес – рече Османи додавајќи дека сепак останува нивно право дали ќе побараат одвојување од Македонија.
Макрон: Одвојувањето ќе значи војна!
Одвојувањето на Северна Македонија и на Албанија во процесот на пристапни преговори со Европската Унија би можело да предизвика насилство не само кај албанското малцинство во Северна Македонија, туку во сите земји каде што има албанско малцинство.
Ова во 2019 година го изјави францускиот претседател Емануел Макрон, јасно посочувајќи дека е против одвојување на двете земји од пакетот.
– Зелено светло за Северна Македонија без Албанија ќе беше смртоносна политичка грешка, а тоа беше единствениот можен консензус, ќе видевме политички и социјални движења од неверојатно насилство, не само кај албанското малцинство во Северна Македонија туку во сите земји каде има албанско малцинство – изјави тогаш Макрон.