„ТИ СИ НАЈЛОШИОТ ПРЕМИЕР ОД 1989 ГОДИНА“ Навроцки удри со дрвја и со камења по Туск
Победата на Навроцки значително ќе ги отежне обидите на Туск за спроведување проевропски реформи, со оглед на тоа што новиот претседател е евроскептик и ќе има право на вето.
Идниот полски претседател, конзервативецот Карол Навроцки, најави остар отпор кон премиерот Доналд Туск, оценувајќи го како „најлошиот премиер што Полска го имала од 1989 година“. Во своето прво интервју по победата на претседателските избори во неделата, Навроцки за ДПА изјави дека од Претседателската палата ќе има „силна спротивставеност“ на политиките на Туск.
– Ќе реагирам цврсто и решително на секоја провокација – порача Навроцки.
Левичарско-либералната коалиција на Туск, која дојде на власт на крајот на 2023 година, е под зголемен притисок по поразот на либералот и градоначалник на Варшава, Рафал Тшасковски, кој загуби од конзервативецот Навроцки во тесна трка за претседател.
Победата на Навроцки значително ќе ги отежне обидите на Туск за спроведување проевропски реформи, со оглед на тоа што новиот претседател е евроскептик и ќе има право на вето.
Туск најави дека на 11 јуни ќе побара доверба од парламентот за да ја потврди стабилноста на неговата коалиција.
Навроцки, историчар по професија, ја доби поддршката од националистичкиот и конзервативен лидер на „Право и правда“, Јарослав Качински. За време на изборната кампања отворено најави дека му е цел да ја собори владината коалиција на Туск. Сепак, истакна дека би можел да соработува со Туск по прашања од стратешко значење, како благосостојбата на државата.