Тетовци уриваат рекорди: За еден час 70 сообраќајни прекршоци
За 20 дена колку што се спроведуваат засилените акциски контроли на цела територија на земјата полицијата изрекла над 9.000 санкции за прекршоци во сообраќајот.
За еден час денеска во Тетово се изречени 70 казни за сообраќајни прекршоци, информира портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
– Најмногу од нив се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, како и мотоциклисти кои прават прекршоци во сообраќајот. Засилените акциски контроли продолжуваат во текот на овој ден и наредните денови. Од 20-тина дена колку што ги спроведуваме овие засилени акциски контроли на цела територија на земјата имаме изречено над 9.000 санкции за прекршоци во сообраќајот од кои најголем број се пречекорена брзина, возење без возачка дозвола, прекршоци на мотоциклисти, нерегистрирани возила итн.- рече Ангеловски.
Тој апелираше тетовци да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел безбеден сообраќај на улиците и на патиштата во државата.
– Не е целта да се казнуваат граѓаните, напротив ние спроведуваме превентивни, но мораме да имаме и вакви репресивни мерки се со цел таму каде превентивата не делува, да можеме да воспоставиме ред на улиците – рече Ангеловски.