ТЕШКО ОДИ ЕКСПРОПРИЈАЦИЈАТА НА ЗЕМЈИШТЕTO ЗА КОРИДОРИТЕ 8 И 10Д На „Бехтел и Енка“ досега му се исплатени 235 милиони евра
Во извештајот за ноември и декември се вели дека на 58% од земјиштето е завршена екпропријацијата, а истиот процент на извршени експропријации беше содржан и во извештајот за октомври, така што и натаму остануваат 42 отсто за експропријација.
Експропријацијата на земјиштето на кое „Бехтел и Енка“ ќе ги гради автопатите од коридорите 8 и 10Д тапка во место во последните два месеци иако според најавите требаше да има поголема динамика на процесот, покажува најновиот Извештај на супервизијата за прогресот на изградба на автопатите Тетово-Гостивар, Гостива-Букојчани, Требеништа-Ќафасан и Прилеп-Битола.
Во извештајот за ноември и декември се вели дека на 58% од земјиштето е завршена екпропријацијата, а истиот процент на извршени експропријации беше содржан и во извештајот за октомври, така што и натаму остануваат 42 отсто за експропријација.
За оваа намена се издвоени околу 300 милиони евра, а цената на земјиштето што се експроприра се пресметува врз основа на данокот на имот што го плаќал сопственикот на недвижнината.
Жители од гостиварските села Долна и Горан Бањица изразуваат незадоволство од спроведувањето на постапките. Тие почнале да добиваат решенија за одземање на земјиште, а дел од нив сметаат дека цената од 650 денари за квадратен метар е пониска од реалната.
Според супервизијата, „Бехтел и Енка“ до крајот на декември завршиле 33% од геотехничките испитувања на теренот.
Во извештајот се наведени и сумите кои Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта ги префрлија на сметката на „Бехтел и Енка“ од 26 април до 29 декември.
Вкупната сума досега која ЈПДП ја исплатило кон „Бехтел и Енка“ е околу 235 милиони евра.
Покрај тоа, во декември 2023 година Министерството за транспорт и врски префрлило уште 46 милиони евра за проектот „Бехтел и Енка“.
Оваа година конзорциумот „Бехтел и Енка“ од државата ќе добие 250 милиони евра директно од буџетот, за изградба на автопатските делници Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола, објавено е во програмата за финансирање на патната инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10Д.
Министерство за транспорт и врски како капитален расход на изведувачот преку ЈП „Државни патишта“ ќе му исплати износ од 15.100.000.000 денари во текот на 2024, а динамиката на исплатата ќе ја одредува надзорниот консултант.
Во извештајот на консултантите е наведено дека ќе се градат вкупно 109 километри автопат за кои ќе се потроши 1,1 милиони тони асфалт, 1,2 милиони м3 тампон, ќе се ископаат 21 милион кубни метри земја, ќе се изградат мостови со вкупна должина од 4,5 километри, како и 24 подвозници и 34 надвозници.