ТЕРМОЦЕНТРАЛИТЕ НЕМА ДА ЗГАСНАТ ДО 2030 ГОДИНА Македонската зелена транзиција доцни, предупредуваат ревизорите
Инвестициите за зелена транзиција растат – од 45,9 милиони евра во 2017 година, до 113,3 милиони во 2024 година. Но, Државниот завод за ревизија забележува дека ефектот е ограничен, бидејќи дел од проектите се одложуваат или воопшто не се започнати.
Македонија е неспремна да ги затвори термоцентралите до 2030 година и да обезбеди стабилна зелена транзиција – ова е клучната констатација од ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија. И покрај бројните стратегии и планови, земјата останува зависна од јагленот и ризикува да ги пропушти европските рокови за климатска неутралност.
Тешко наследство од јагленот
РЕК Битола и РЕК Осломеј остануваат главни производители на електрична енергија, иако нивното затворање е предвидено до крајот на деценијата. Ревизорите предупредуваат дека нема јасна замена за овие капацитети. Иако беше најавено зголемување на обновливите извори на најмалку 38 проценти од вкупното производство до 2030 година, досегашниот тренд покажува дека овој таргет е далеку.
Според податоците, инвестициите за зелена транзиција растат – од 45,9 милиони евра во 2017 година, до 113,3 милиони во 2024 година. Но, ревизорите забележуваат дека ефектот е ограничен, бидејќи дел од проектите се одложуваат или воопшто не се започнати. Клучниот проект за изградба на 400 киловолтната интерконекција кон Албанија и кон Грција, иако најавен во 2015 година, сè уште не е завршен.
Ризик од енергетска нестабилност
Недоволната динамика ја става државата во ризик од енергетска нестабилност и од високи цени на струјата. Граѓаните ќе се соочат со поскапувања, а индустријата со ограничена конкурентност. Иднината на илјадници вработени во енергетскиот сектор исто така е неизвесна, бидејќи нема стратегија за нивна преквалификација или пренасочување кон нови работни места.
Иако постојат документи и стратегии за зелена транзиција, ревизорите нагласуваат дека тие засега остануваат само на хартија. Институциите не обезбедиле јасни рокови, ниту ефикасна координација. Според извештајот, недостасува политичка волја за донесување на тешки, но неопходни одлуки.
Со вакво темпо, Македонија ќе заостанува зад европските стандарди за намалување на емисиите на стакленички гасови. Доколку до 2030 година не обезбеди значително зголемување на ветерниците, соларните централи и модернизација на мрежата, државата ќе се соочи со санкции и губење на дел од европските фондови.