ТЕПАЛА ТРИГОДИШНО ДЕТЕ НА УЛИЦА, ПА ГО ОСТАВИЛА Седум пријави за семејно насилство за едно деноноќие
Физички напади, закани, непочитување одлуки на социјалните служби и насилство врз деца се дел од случаите на семејно насилство што во изминатите 24 часа биле пријавени во полицијата низ државата. Особено вознемирувачки е случајот во Тетово, каде што било пријавено дека жена тепала дете на возраст од околу 3 до 4 години на улица.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во последното деноноќие биле регистрирани 7 случаи на семејно насилство. Во 2 од нив осомничените биле лишени од слобода.
Меѓу пријавите има физички напади меѓу поранешни сопружници и партнери, закани, како и случаи во кои жртви биле деца.
Особено вознемирувачки е случајот во Тетово, каде што било пријавено дека жена тепала дете на возраст од околу 3 до 4 години на улица. Според пријавата, по реакција на минувачи го оставила детето и заминала. Детето било згрижено од Центарот за социјални работи.
Во друг случај од Тетово, жена пријавила дека поранешниот сопруг со месеци не ги почитувал одлуките на социјалните служби, ѝ се заканувал и ја демнел.
Во Велес, полицијата привела 45-годишен маж по пријава од неговата 18-годишна ќерка дека физички ја нападнал. Според Центарот за социјални работи, тој подолг период ги малтретирал и своите ќерки.
Во Аеродром во Скопје, маж пријавил дека неговата поранешна сопруга физички ги нападнала него и нивните две малолетни деца, при што употребила и тврд предмет.
Во Карпош во Скопје бил приведен 36-годишен скопјанец по пријава дека ја нападнал својата поранешна партнерка. Во Штип, жена пријавила дека добивала закани од поранешен партнер. За случајот биле известени обвинителството и Центарот за социјални работи.
Во Кисела Вода, 36-годишна жена пријавила дека била нападната од сопругот со кого била во бракоразводна постапка.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни пријави.