ТЕНИСЕРКИТЕ МЕТА НА ИЛЈАДНИЦИ ЗАКАНИ Испратени повеќе од 12.000 навредливи пораки
Извештајот на ВТА и ИТФ открива дека илјадници навредливи и заканувачки пораки биле упатени кон тенисерки, а десетици случаи завршиле во полиција.
Повеќе од 12.000 пораки со навредлива содржина биле испратени до тенисерки преку социјалните мрежи во текот на минатата година, објавија ВТА и Меѓународната тениска федерација (ИТФ) во својот заеднички годишен извештај за онлајн злоупотреба и закани.
Во 2025 година биле анализирани повеќе од 1,2 милиони објави и коментари на социјалните мрежи. Од нив, повеќе од 12.000 биле категоризирани како навредливи, а 3.726 како сериозна злоупотреба, вклучувајќи насилни, сексуални и расистички закани.
Според извештајот, 66 проценти од објавите и коментарите со сериозна навредлива содржина биле отстранети, додека 35 случаи биле пријавени во полиција.
Податоците покажуваат и дека 89 проценти од профилите од кои била утврдена сериозна злоупотреба во 2024 година не се појавиле повторно во 2025 година.
Анализата на компанијата „Signify Group“, која користи вештачка интелигенција за откривање закани и злоупотреби, покажува дека бројот на навредливи објави во 2025 година бил речиси идентичен со оној во 2024 година.
„Благосостојбата на тенисерките и на целото тениско семејство е наш апсолутен приоритет. Користењето на системот ‘Threat Matrix’ е клучен дел од нашите напори за заштита на тенисерките. Податоците од овој извештај ни овозможуваат подобро да го разбереме проблемот и да преземеме поодлучни мерки за заштита на жртвите од онлајн злоупотреба, како и за санкционирање на одговорните“, се наведува во заедничкото соопштение на ВТА и ИТФ.
Системот „Threat Matrix“ користи вештачка интелигенција, поддржана од тим човечки аналитичари, за следење и анализа на содржини на платформите „Х“, „Instagram“, „YouTube“, „TikTok“ и „Facebook“.
Услугата „Threat Matrix“ ги опфаќа сите тенисерки кои настапуваат на ВТА турнејата во текот на целата сезона, а системот анализира содржини на 57 јазици.