ТЕНДЕРОТ ЗА ПАСОШИ ПОД ИСТРАГА НА ВНАТРЕШНАТА КОНТРОЛА ВО МВР Од договорените 400.000 во рок пристигнале само 20.000 обрасци
Првичниот договор бил изменет со одреден акт во декември, па наместо 400 илјади, добавувачот имал обврска до 18 февруари да испорача 22.000 обрасци.
Во Министерството за внатрешни работи е отворена постапка во одделот за внатрешната контрола за испитување на договорот за набавка на обрасци за патни исправи, во кој од нарачаните 400.000 биле добиени само 20.000 пасоши, изјавиле за Телма извори во МВР.
Засега нема наоди од внатрешната истрага.
„Во врска со договорот за набавка на патни исправи, ве информираме дека за истиот е отворена постапка при одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, одговориле кратко од МВР.
Министерот Панче Тошковски синоќа на Телма изјави дека заклучно со 18 овој месец во Македонија требало да пристигнат 400.000 обрасци за пасоши. Првичниот договор бил изменет со одреден акт во декември, па наместо 400 илјади, добавувачот имал обврска до истиот рок да испорача 22.000 обрасци.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев ноќеска на граничниот премин Богородица ја пречека пратката од 140.000 нови обрасци за пасоши. Иако беа најавени за следната недела, обрасците, сепак стигнаа порано, а со нив ќе може да продолжи издавањето пасоши во редовна постапка.