ТЕМПЕРАТУРИ И ДО 50 ЦЕЛЗИУСОВИ СТЕПЕНИ! Рекордните горештини во светот го вклучуваат црвениот аларм
Светот се загреал во просек за 1,2 степени Целзиусови од средината на 19 век, што доведе до поинтензивни топлотни бранови, поголеми суши во некои области и поинтензивни бури поради зголемувањето на нивото на морето.
Силен топлотен бран зафати делови од Европа, Кина и САД каде викендов се очекуваат рекордно високи температури, што може да послужи како илустрација за опасностите од глобалната затоплување.
Американскиот метеоролошки институт издаде предупредувања за екстремни горештини за повеќе од сто милиони граѓани, а особено опасни услови се предвидуваат во сојузните држави Аризона, Калифорнија, Невада и Тексас.
Научниците од Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, предупредуваат дека температурите во Долината на смртта, пустина во јужна Калифорнија, би можеле да го достигнат или да го соборат рекордот за највисока температура на воздухот измерена на Земјата. Официјалниот рекорд забележан од Светската метереолошка организација (СМО) е 56,7 степени Целзиусови и е забележан во 1913 година во јужна Калифорнија.
Во Мексикали, град со повеќе од милион жители во северниот дел на Мексико, температурите се искачија на 50 степени Целзиусови оваа недела.
Неколку европски земји, меѓу кои Хрватска, Германија, Италија, Франција, Шпанија, Грција и Полска истовремено се соочуваат со високи температури. На островите Сицилија и Сардинија температурите би можеле да достигнат и до 48 степени Целзиусови, објави Европската вселенска агенција, што потенцијално се најжешките температури некогаш забележани во Европа.
Северна Африка е исто така жешка и спарна, а Мароканската метеоролошка служба издаде црвено предупредување за екстремни горештини во јужните делови на земјата.
Топлотниот бран не ја одмина ни Азија. Некои кинески провинции, вклучително и главниот град Пекинг, исто така се соочуваат со високи температури, а најголемата кинеска енергетска компанија соопшти дека нејзиното производство на електрична енергија достигна рекордно високо ниво за еден ден.
Од високите температури не се поштедени ниту океаните. Температурите на водата во близина на јужниот брег на Флорида надминаа 32 степени Целзиусови, соопшти Администрацијата за океани и атмосфера.
Што се однесува до Средоземното Море, температурите на површината ќе бидат исклучително високи во текот на следните недели, соопшти СМО, а во некои делови може да надмине 30 степени Целзиусови, што е неколку степени над просекот.
Минатиот месец веќе беше најтоплиот јуни досега, според американската вселенска агенција НАСА и програмата за климатски промени Коперник, управувана од Европската унија.
– Екстремните временски услови што произлегуваат од сé потоплата клима стануваат ново нормално, предупредуваат метереолозите.
Екстремните горештини се еден од најсмртоносните метеоролошки настани, според СМО. Една неодамнешна студија проценува дека над 61.000 луѓе умреле од топлотен удар за време на рекордно топлото лето во Европа минатата година.
Светот се загреал во просек за 1,2 степени Целзиусови од средината на 19 век, што доведе до поинтензивни топлотни бранови, поголеми суши во некои области и поинтензивни бури поради зголемувањето на нивото на морето. Сегашниот рекорден топлотен бран уште повеќе ја нагласува зголемената итност да се намалат емисиите на штетните гасови што е можно побрзо.