ТЕМЕЛОТ НА РАЗВОЈОТ Е ВО ЕФИКАСНА И ОДГОВОРНА ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА Има видлив напредок во реформата
Нашата цел е јасна - да изградиме професионална, ефикасна, транспарентна и граѓански ориентирана администрација која ќе одговара на реалните потреби на граѓаните и на деловната заедница, рече министерот Минчев во обраќањето на јавната расправа за Годишниот извештај за 2025 година за имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030.
Реформата на јавната администрација претставува клучен столб на доброто управување и важен предуслов за унапредување на институционалната ефикасност и квалитетот на јавните услуги, вели министерот за јавна администрација Горан Минчев.
– Ефикасната, транспарентна и одговорна администрација е темел на доброто управување, владеењето на правото и на долгорочниот општествен развој. Нашата цел е јасна – да изградиме професионална, ефикасна, транспарентна и граѓански ориентирана администрација која ќе одговара на реалните потреби на граѓаните и на деловната заедница – рече министерот Минчев во обраќањето на јавната расправа за Годишниот извештај за 2025 година за имплементацијата на акцискиот план од Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030.
Целта на јавната расправа е да се презентира напредокот во спроведувањето на активностите во текот на 2025 година и да се овозможи отворена дискусија со институциите, граѓанскиот сектор и со стручната јавност, со цел прибирање коментари, забелешки и предлози за понатамошно унапредување на реформскиот процес.
Министерот Минчев посочи дека Министерството за јавна администрација континуирано работи на зајакнување на системот за управување со човечките ресурси во јавниот сектор и на воспоставување современа и професионална административна служба.
Се осврна на донесувањето на Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, кој создава основа за формирање Академија за јавна администрација. Оваа институција ќе има значајна улога во континуираното унапредување на знаењата и вештините на јавните службеници и во зајакнувањето на професионалните капацитети на администрацијата.
Министерот нагласи дека Министерството работи на подобрување на координацијата и следењето на реформските процеси преку развојот на ИТ-алатка за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, со поддршка на РеСПА.
– Оваа алатка ни овозможува во реално време да го следиме напредокот на реформите, да идентификуваме предизвици и да обезбедиме поефикасна координација меѓу институциите – рече Минчев.
Тој ја потенцираше и важноста на законското решение за високата раководна служба, кое воспоставува професионален и транспарентен систем за избор и управување со највисоките раководни позиции во институциите, со што се зајакнува ефикасноста и одговорноста во јавниот сектор.
– Последниот извештај на Европската комисија за 2025 година ја потврдува нашата посветеност и видливиот напредок во реформата на јавната администрација. Во споредба со претходните извештаи, јасно е дека напредокот во делот на реформата е видлив и конкретен – додаде Минчев.
На јавната расправа беше нагласено дека реформата на јавната администрација е еден од клучните приоритети во процесот на европската интеграција на Република Македонија.
Министерството за јавна администрација информираше дека нацрт-Годишниот извештај за 2025 година е јавно достапен на системот Електронски национален регистар на прописи (ЕНЕР), со што се овозможува активно учество на сите засегнати страни во процесот на унапредување на јавните политики и во реформата на јавната администрација.