Телекомуникациска генералка

Во Северна Македонија, како држава со економија во развој, а воедно и мал пазар на кој природно се ограничени можностите за конкуренција помеѓу операторите кои нудат телекомуникациски услуги и производи, потенцијално исклучување на одредени добавувачи на телекомуникациска опрема од пазарот би можело да има далекусежни непредвидливи последици.

2,234

Во последните неколку години 5G мрежата зема голем замав во светот поради своето силно влијание врз телекомуникациите и меѓународната трговија. Глобалниот пазар на услуги за 5G е проценет на 41,49 милијарди долари во 2020 година, со очекувања за вкупен годишен раст од 46,2% од 2021 до 2028 година. Глобалното влијание на 5G мрежите создаде нови предизвици за сите држави, па Соединетите Американски Држави и Европската Унија беа приморани да создадат нови политики за да се справат со предизвиците кои произлегуваат од брзорастечкото прифаќање на 5G мрежите.

Европската Унија донесе рамковна регулатива за безбедност во проширувањето на 5G мрежите која содржи т.н. „алатки“ кои предвидуваат критериуми за проверка на идната мрежна безбедност во рамки на внатрешниот пазар.






И Северна Македонија се приклучи кон овој тренд, потпишувајќи го Меморандумот за разбирање со Соединетите Американски Држави, со што стана член на иницијативата „Чиста мрежа“ („Clean Network Initiative“). Целта на оваа иницијатива е да се создаде еден сеопфатен пристап за заштита на имотот, вклучувајќи ја приватноста на граѓаните како и најчувствителните информации на компаниите, од упади на злонамерни субјекти.

Република Северна Македонија како земја која се стреми кон полноправно членство во Европската Унија, се труди да се усогласи со европското законодавство на полето на телекомуникациите, и секако да се усогласи со својот стратешки партнер и сојузник НАТО.

Следствено, во април годинава беше извршена измена на Законот за електронските комуникации, која меѓу другото предвидува усвојување на два нови подзаконски акти од страна на АЕК – „Методологија за процена на профилот на ризик на добавувачи и производители на мрежна опрема“ и „Листа на критични компоненти и чувствителни делови на електронски комуникациски мрежи“. Подзаконските акти се најдоа на критика на стручната јавност кога беа објавени од страна на АЕК, во фазата на јавна расправа. Имено, подзаконските акти овозможуваат АЕК да врши проценка на степенот на ризик на одреден добавувач на телекомуникациска опрема. Меѓутоа, проблематични се критериумите кои АЕК ги предвидува и врз основа на кои ќе ја врши процената на ризик. Критериумите, како што се сега предложени од АЕК, може да ја ограничат или сосема да ја исклучат можноста одредени добавувачи да учествуваат на пазарот на телекомуникациски мрежи, доколку АЕК ги оцени како „добавувачи од висок ризик“. Од овој аспект, и правните експерти од државата укажаа на неколку потенцијални недостатоци на законот и подзаконските акти, а особено ја потенцираа можноста за нивна ретроактивна примена, што би можело да отвори и прашање во врска со усогласеноста на истите со Уставот на републиката. Тие исто така го поставуваат прашањето дали вака поставените законски измени и нацрт-подзаконски акти се во согласност со владеењето на правото, како еден од основните принципи и начела на Европската Унија.

И правните експерти во Европа дискутираат на темата – зошто критериумите за проценка на ризикот треба да бидат објективни, транспарентни и пропорционални, а проценката на ризик да е технолошки неутрална, а не базирана на недефинирани политички критериуми. Алатките на ЕУ препорачуваат добро балансиран и координиран сет на мерки за ублажување на ризикот, особено потпирајќи се на стандардизација и сертификација ширум ЕУ. Повеќе за ова во извештајот на Morgan Lewis: „The approach of the EU and selected Member States to 5G Network Cybersecurity“.

Во оваа насока предничи законското решение кое го усвои Финска, па познавачите на оваа тематика сметаат дека можеби токму Финска е примерот кој треба да го следат и другите земји ширум Европа. Имено „финското решение“ ги имплементира „алатките“ токму на начин кој Меѓународната телекомуникациска унија (ITU) го идентификува како последна и најпосакувана фаза на ИКТ регулативата – таа е колаборативна, искористува синергии меѓу секторите и ја здружува експертизата на различни засегнати страни. (Извор: Insight 01/2021: Implementing the 5G toolbox: Could Finland serve as a model for the other EU countries?)

Од друга страна пак, критериумите кои се предвидени во нацрт „Методологијата за процена на профилот на ризик на добавувачи и производители на мрежна опрема“ го ставаат во фокус потеклото на добавувачите, достапноста на информации за нивните основачи, деловните соработници и органите на управување, податоци во врска со иновации кои добавувачите ги поддржуваат и дали ги почитуваат авторските права и правата од индустриска сопственост. Исто така, навлегуваат во транспарентноста на финансирањето на добавувачите и производители и слични политички и не-технички критериуми.

Иако идејата за носење на овие подзаконски акти е да го унапредат телекомуникацискиот пазар, кој носи големи капитални инвестиции и развој на пазарот и економијата, се отвпра прашањето какво влијание ќе имаат мерките предвидени со овие акти врз телекомуникациските оператори и врз крајните потрошувачи, и дали ултимативно ова ќе се одрази ценовно на телекомуникациските услуги кои македонските потрошувачи ги користат секојдневно.

Во Северна Македонија, како држава со економија во развој, а воедно и мал пазар на кој природно се ограничени можностите за конкуренција помеѓу операторите кои нудат телекомуникациски услуги и производи, потенцијално исклучување на одредени добавувачи на телекомуникациска опрема од пазарот би можело да има далекусежни непредвидливи последици. Па така, се поставува прашањето дали овие акти ќе го унапредат или ќе му наштетат на пазарот на телекомуникации, и дали е потребно да се интервенира во содржината на актите пред тие да предизвикаат штета на пазарот, а можеби и на билатералните односи на државата со важни економски партнери.

(Автори на текстот: Ветон Ќоку, адвокат, и Љупка Новеска Андонова, адвокат)

Поврзани содржини