ТЕЛЕКОМ ДОБИ НАГРАДА ЗА ИНИЦИЈАТИВАТА „ИНТЕРНЕТ БЕЗ ОМРАЗА“ Проектот ги едуцира младите за говорот на омраза
Македонски Телеком доби награда за својата посветеност во сферата на општествената одговорност за иницијативата „Заедно за интернет без омраза“. Наградата ја доделуваат Американската стопанска комора во Северна Македонија (AmCham) и „Конект“ во рамките на проектот на УСАИД „Партнерства за донирање“.
– Горди сме на ова признание коешто ја потврдува нашата посветеност на еднакво и етичко дигитално општество. Како овозможувачи на дигиталниот свет, ние имаме обврска да бидеме дел од борбата против омразата на интернет, но и да ги поттикнеме и вклучиме младите, да им дадеме глас. Тоа е нашата стратегија и причината поради која ја почнавме оваа иницијатива заедно со нашите партнери УНИЦЕФ. Верувам дека допревме и инспириравме многу млади луѓе – изјави Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски Телеком.
Наградената иницијатива е дел од партнерството помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата „Телеком за Македонија“ чијашто цел е да ги вклучи децата и младите во справувањето со еден од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација – говорот на омраза на интернет.