ТЕХНИЧКИ ПРЕГЛЕД НА ВОЗИЛО ИЛИ ПОЛИТИЧКИ ПРИТИСОК Димитриевски наместо на терапија одведен од полицијата во станица за технички преглед (ВИДЕО)
Видео и информација од случката сподели самиот Димитриевски на Фејсбук.
Кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски денеска одејќи да прими терапија кај својот матичен лекар е следен од возило на Министерството за внатрешни работи подолг временски период на неколку улици. Тој е запрен од полицијата на една од улиците во Куманово и повеќе од 15 минути е задржан , без никакво образложение, земени му се документите и не му се соопштува која е причината за тоа. Полицијата бара возилото во кое е Димитриевски да биде технички испитано.
Оваа информација ја испратија до медиумите од иницијативата „За наше Куманово“.
Видео со случувањата објави и самиот Димитриевски на Фејсбук.
– Сакам од овде лично пред целата македонска јавност, на улица Лесковачка, да видиме како работи полицијата на актуелниот министер Оливер Спасовски. Претходно бевме следени од возило на МВР подолг временски период на неколку улици, директно од возачот на началникот на СВР Куманово Стојанчо Величковиќ. Во моментов нѐ застанаа на улица Лесковачка без никакво образложение. Ни ги зедоа документите, веќе 10 минути имаме застој на улицата. Тука сум на јавно прометна површина, го објавувам ова да види јавноста со кого си имаме ние работа во Куманово – вели Димитриевски.
Нека му служи на честа и на господинот министер, вели Димитриевски, а нека му служи на честа и на мојот поранешен другар, бидејќи ова не личи на ништо.
– Ваква тортура не се правела никогаш во македонската јавност. Потенцирам, снимам на јавно место, се снимам себе си за да нема никакви обвиненија дека сум снимал. Еве сега допрва даваат насоки, да се препаркира возилото и самите не знаат кое е објаснувањето зошто сме стопирани, заедно со лице кое ме придружува мене Дејан Димитриевски – вели тој.
Димитриевски објаснува и дека тргнал да прими терапија кај неговиот матичен лекар.
– Ова е врв на достигнувањата на МВР кое отиде на квадрат. Ако мислите дека граѓаните ќе го поддржат ваквото дејствие и самовластие на поединци од власта кое го имаат узурпирано системот во државата тогаш нека ви служи на честа. Тука има голем број сведоци што сѐ се случува во моментов – вели во видеото Максим Димитриевски.
Претходно тој рече дека со ротации биле насочувани од полицијата и не знаеле каде ги носат.
– Еве сега во моментов како да сум најголем криминалец во државата, а не градоначалник на најголемата општина. Со ротации ми ги одземаа документите и нѐ спроведуваат на наводно вршење на технички преглед на возилото, иако возилото е ново, со уредно полномошно за управување, согласно сите законски нормативи и прописи. Сепак, на овој начин јас лично се онеспособувам да ја работам мојата работа како градоначалник и кандидат во рамки на изборната кампања. Односот на полициските службеници е целосно непрофесионален, може да видите дека на возилото се запалени ротации и нѐ насочуваат, каде ќе нѐ носат не знам – вели Максим Димитриевски.