Тажно (или срамно?) „чествување“
На почетокот, не е воопшто јасно зошто човекот поранил цели осум дена пред годишнината на настанот? Или мислел дека фактот што е веќе во Кавадарци може попатно да го искористи и за оваа цел. Да, можеби, но тоа можел, и требал, да го направи приватно, без званични церемонии на фотографирање и поставување на фотографиите на сајтот на претседателот на државата.
Деновиве во јавноста се појавија фотографии од престојот на претседателот на државата Стево Пендаровски на Кавадарци каде, меѓу другото, тој (како што стои во соопштението на неговиот кабинет), „во месноста Моклиште, во пресрет на одбележувањето на 80 години од масакрот во Ваташа, претседателот Пендаровски оддаде почит положувајќи свежо цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои беа убиени на 16 јуни 1943 година од бугарскиот фашистички окупатор“.
Јас, се разбира, ќе се воздржам од коментар за политичката страна на овој гест на претседателот на државата, но не и за оние други – не помалку важни – нешта, или „пораки“, што (претпоставувам, но можеби и се лажам) несвесно ни ги испраќа „таткото на нацијата“.
На почетокот, не е воопшто јасно зошто човекот поранил цели осум дена пред годишнината на настанот? Или мислел дека фактот што е веќе во Кавадарци може попатно да го искористи и за оваа цел. Да, можеби, но тоа можел, и требал, да го направи приватно, без званични церемонии на фотографирање и поставување на фотографиите на сајтот на претседателот на државата. Тој факт односно јавното озваничување на таа негова „посета“ говори дека некој – дали тој? – сакал едновремено и нешто да ни каже? И што? Фотографиите од сајтот на претседателот на државата ќе ги види целиот регион, па и Бугарија. Тоа ли е едната од пораките? Дел од овие прашања ќе бидат одговорени токму на денот на настанот па можат тогаш да се коментираат. Политички, се разбира.
Но, прво, навистина е тажно да видите највисок функционер – претседател на држава! – онака сам пред обележје на еден таков значаен настан, во еден ваков еднакво значаен миг. Не можел ли до него да биде барем некој од градот, или од неговиот кабинет? Или поентата е тој да биде сам? И што сака писателот да каже со тоа? Играњето на картата на самоста односно осаменоста на еден претседател на држава е меч со многу острици. И многу пораки! Но останува тажното чувство, особено заради настанот и местото.
Второ, веројатно се забележува дека не го употребувам зборот споменик за она пред што стои Пендаровски. Зашто тоа одамна не е споменик туку какофонија на глупости или провинциски кармакараш недостоен за тоа место и тој настан. Зошто тоа никој не му го кажал на Пендаровски? Знаел ли тој воопшто пред што се поклонува, каде положува венец…? Или не му е важно, важен е имиџот дека бил таму и положил претседателски венец?
Меѓутоа, некој морал да му (у)каже на овој човек што се спомениците – или, поконкретно, овој „споменик“! – која е нивната функција/значење, но и како тие можат целосно да се преобратат во своја спротивност. Е ова е токму таков „споменик“: многупати вандализиран и никогаш поправен, самоволно и противзаконски „уредуван“, преуредуван и „реконструиран“, лаички (и повторно противзаконски!) „доградуван“ и „доосмислуван“ итн. Од оригиналниот споменик на Јордан Грабул не останало практично ништо освен два (валкани) ѕида, а врз нив и околу нив царува провинцискиот македонски кич-дух на насилнички дилетантизам на „преуредување“ и „реконструкција“ на меморијата.
Сакам да кажам: претседателот на државата, вон сите протоколи и логичко односно државничко постапување, се впуштил, или го (в)пуштиле, во авантура не само да се поклони пред нашата бесрамна негрижа и некултура, пред македонската простотија на непочитување на авторските дела и негрижа за спомениците на културата, туку неговото појавување таму практично го оправдува кршењето на законите во државата, го дерогира законот за заштита на спомениците на културата и законот за меморијалните споменици, и конечно – го верификува и афирмира вандалското однесување на поединци кон спомениците од минатото!
Дали и колку бил свесен Пендаровски, или неговиот кабинет, за овие аспекти на неговата посета на „споменикот“ и поклонувањето – па нека е и самотно – пред неговата недугава копија? Зашто, повторно, таму нема ништо од оригиналниот споменик. Наместо релјефот на Грабул таму стои некаква импровизирана (и од никого авторизирана) полиестерска копија. За истата, низ законска постапка, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство наложија да биде отстранета. Ама таа е уште таму и претседателот на државата се поклонува пред неа! Понатаму, повторно некој „умен“, апсолутно незаконски намислил дека концептот на Грабул за оригиналниот споменик не е добар, па решил да поставува бисти на стреланите младинци. Ама само половично ја завршил работата односно ги поставил само постаментите, без бисти, на коишто Пендаровски им се поклонува. Па не гледа ли човекот дека таму нешто недостасува? Не го гледа тоа ли никој од кабинетот? Или мислат дека е во ред претседател на држава да се поклонува на – постаменти?!
Не знаеме, а и нѐ не интересира. А и не е прв гаф, негов и на неговиот кабинет. Но ако првите луѓе во државава со нивното (непромислено?) однесување подгреваат провинциски менталитет и верификуваат насилничко незаконско постапување, за какви тогаш европски вредности потоа говорат? Истите ли тие луѓе потоа ќе нѐ внесуваат во Европа? И дали овде навистина станува збор за „непромисленост“ и незнаење – зашто ако е така целиот негов кабинет треба веднаш да си поднесе оставка – или свесна (пријателска, „коалициска“, не знам каква…) отстапка? И на што тоа личи и затоа ли тие луѓе се избрани на тие функции? Па ако не повеќе, не знаат ли барем да прашаат каде одат, што ќе видат, како треба да се однесуваат…?
Извор: Теодосиевски уметност