Тажната страна на македонската приказна
Но, за жал, конечната страница на оваа приказна сепак ќе ја испишува источниот сосед, кој не покажува ама баш никаква намера да се откаже од своите налудничави барања сѐ додека кај нас функционира ова полуписмено политикантство. А и зошто би го направиле тоа, освен ако кај нив не се случи некакво пресвртничко чудо со некоја друга, нормална власт.
Кои се и какви се тие „нови договори“ што допрва треба да се потпишуваат во/за Македонија, и тоа, ни помалку ни повеќе, туку помеѓу политичките партии? И за што треба баш тие да се договораат, а што не било веќе договорено во 1945 и во 1991 година? И зошто, повторно, се активираат дежурните кербери да нѐ инструираат дека нема друг сокак освен (ќор)сокакот на оваа власт, дека нема други алтернативни решенија за нашите „судбински“ приклученија, дека македонскиот граѓанин е прост, необразован, приглуп…, па тие мора да решат во негово име?
А да решат – што? Перфидните флоскули дека некој/некои не сакаат Македонија да биде членка во ЕУ ја замаглуваат причинско последичната врска на тезата. Односно, вистинското прашање/теза е: не дали, туку – како! Под какви услови, по која цена, со каква иднина. Веењето на знамиња за „победата во битката за македонскиот јазик“ е само уште потврда за неукоста, несигурноста, неподготвеноста на оваа полуписмена гарнитура да се носи со проблемите.
И како и обично, виновници за сите катастрофи во државата ќе бидат: опозицијата, „некој таму“ претседател на МАНУ со неколку истомисленици, академската заедница со нивните вмровски убедувања, еден грст интелектуалци изгубени во преводот… итн. Се разбира, и Русија – која еден „професор“ неодамна јавно, на телевизија, ја прогласи за наш непријател, потоа македонската дијаспора која не му е по ќеф на министерот за надворешни работи, па дел од бугарската интелектуала која, спротивно од оваа (ќе простите) малоумна власт, вели дека „Македонците се Македонци“ и „Бугарите во Македонија немаат потреба да бидат внесени во Уставот на Република Северна Македонија, туку само неколку десетици активисти кои се длабоко поврзани со еден партиски штаб“, итн. Што уште треба да им се каже?
Се враќаме ли, самите и без присила, во некои минати времиња – на пример осумдесеттите години на минатиот век – кога (и) одделни југословенски политичари – оние, на пример, од профилот на еден Бранко Хорват, Драгослав Марковиќ и др. – го гледаа „македонското прашање“ како камен околу вратот на тогашна Југославија, (а сега и на ЕУ)? Дека Македонија, тогашна, била пречка за добрите односи на Југославија со Бугарија и Грција, а сегашниве „контраши“ се истата таква пречка за нашите евроинтеграции? Па и тогаш, како и сега, им требаа, како што велел веќе спомнуваниот Крсте Црвенковски, „(…) поедини интелектуалци и ’квази-историчари’, па дури и цели интелектуални кругови“, да го замаглуваат прашањето, да ја замајуваат јавноста?!
Зашто, баш така и денес се развиваат работите. „Македонското прашање“ – сега од страна токму на македонската власт, што е страотно сознание – се поставува како главен проблем во нашите евроинтеграции, заедно со оние кои, најчесто со цврсти арегументи, застапуваат спротивни ставови? Навистина ли (и) на оваа власт ѝ требаат „предавници“, „виновници“ за нејзините недугави промашувања и политики, па буричка меѓу граѓаните, во академската заедница, меѓу интелектуалците…, барајќи алиби за глупостите? И толку ли, навистина, се влијателни овие меѓу „народот“ што ѝ ги поматуваат сите сметки – лични и групни – со ЕУ? И тие ли, впрочем се/ќе бидат виновни што токму оваа власт беше онака безобразно излажана по „Преспанскиот договор“ и промената на името?
Таа епизода, секако, е една од тажните страни на македонската приказна за ЕУ приклученијата. И во неа нема, и не може да има, други виновници освен еден грст полуписмени македонски политичари кои се фатија на европската јадица. Доаѓа ли сега вториот дел од приказната, сличен на оној за којшто пишувал и Црвенковски, кога „од моќниците на денот во Македонија, победниците над македонскиот либерализам (…)“, бил „без пресуда осуден на молк“ а името му било ставано под ембарго во сите средства за информирање во тогашна Македонија?
Или, можеби, во овој втор дел од тажната македонска приказна и опозицијата ќе ја доодигра својата предавничка улога, ќе почне да се пазари како и оние албански партии околу процентите? И тие ли имаат поголеми „влогови“ врз коишто ЕУ и САД можат да стават рака, како што ставаат врз руските „влогови“? Тоа ли ќе биде претстојната „игра за тронови“?!
Но, за жал, конечната страница на оваа приказна сепак ќе ја испишува источниот сосед, кој не покажува ама баш никаква намера да се откаже од своите налудничави барања сѐ додека кај нас функционира ова полуписмено политикантство. А и зошто би го направиле тоа, освен ако кај нив не се случи некакво пресвртничко чудо со некоја друга, нормална власт. Ама чуда не се случуваат така често. Кај нив чудата завршија со Жељу Желев и неговата краткотрајна аура врз неговите наследници. Како што впрочем и кај нас аурата на Глигоров светеше кратко!
Она што дури денес се осмелува да го говори Стојменов за (во тоа време) незаинтересираноста на Бугарија за Македонија е веројатно точно. Не гледам причина зошто човекот не би ја говорел вистината. Но, не беше ли и тоа време само интермецо во приказната, слично на она што во Бугарија траеше во времето на Георги Димитров, и неколку години по него? Зашто, ако читате што Цола Драгојчева пишувала во тоа време за „македонското прашање“, па за Тито… итн., нема да си верувате на очите. Ама кој, ве молам, од оваа гарнитура знае два збора да каже за тоа? Османи, кој ни го „брани“ јазикот? Пендаровски, Маричиќ, Ковачевски…? Па ве молам, дајте барем не нѐ сметајте за наивни!
Извинете, но не треба, а и не може еден Османи, па ни Малески for that matter, да бранат нешто одбрането уште од 5 мај 1945 година. Тоа одамна го одбраниле некои други, сериозни луѓе! Како што не смеат, па и не можат, неколкумина, па нека се и историчари, во името на сите нас да преговараат и да ја шминкаат македонската историја според барањата на некакви пазарџии, да договараат етно-национална припадност на одамна починати и кај нас почитувани луѓе. Во чие име, ве молам? Та зарем оваа врхушка, со такви чираци, не може веќе утре да ја прогласи и Земјата за плоча? И што, и тоа ќе биде предмет на меѓупартиско договарање?
На крајот, најтажната страна на македонската приказна нема да заврши ни со евентуалното внесување на Бугарите во Уставот. Тоа источниот сосед јасно го потврдува на дневна основа, со сите провокации и додатни понижувања на Македонија, и со нови барања. Дури ни последново, за сега најступидно, дека „(…) со измените на законите за здруженија и фондации и за политички партии во Северна Македонија се ограничува правото на здружување на Бугарите во земјава бидејќи има еднострано толкување на историските факти“, нема да биде крајот.
Сценариото допрва „се развива“, современиот продолжеток на тажната страна на „македонското прашање“, со нас во главна ролја, тукушто ни претстои!
извор: теодосиевскиуметност