🎥 ДЕЦАТА ПРИРОДНО ФИЛОЗОФИРААТ, А ВОЗРАСНИТЕ ИМААТ ДЕФИНИРАНИ СТАВОВИ Поповски објаснува зошто предметот „Филозофија“ е важен за децата во основно училиште
Мартин кажа нешто повеќе за воведувањето „Филозофија“ како изборен предмет за учениците во четврто, петто и во шесто одделение, од наредната учебна година.
На поткастот на Плусинфо гостуваше д-р Мартин Поповски, доктор на науки од областа на филозофијата на науката, магистер од областа на методиката на наставата по филозофија и пионер во областа на филозофијата со деца во Македонија.
Мартин кажа нешто повеќе за воведувањето „Филозофија“ како изборен предмет за учениците во четврто, петто и во шесто одделение, од наредната учебна година. Тој појасни како ќе изгледаат часовите по филозофија и како ќе се разликуваат од часовите по другите предмети. Децата нема да изучуваат факти поврзани со филозофијата, туку ќе учат како да дискутираат, да го сослушуваат соговорникот, да развиваат емпатија, како и однос кон критичкото размислување, вели Мартин.
Д-р Поповски објасни зошто е важен овој предмет за децата во основно, зборуваше за стереотипите на родителите и на наставниците, како и за ред други нешта.
На прашањето „Зошто филозофија?“, Мартин даде интерсен одговор.
– Децата на овие часови не учат филозофија. Не ги оценуваме и не им велиме „Читај го Платон“ или „Читај го Кант“. Филозофи не се ни спомнуваат на овие часови, ниту, пак, нивни учења, ниту, пак, дефиниции… Не ги учиме децата филозофија, туку ги учиме да филозофираат. Дури не ги ни учиме. Тие природно знаат да филозофираат. Ние ги вежбаме да филозофираат, а филозофирајќи, тие вежбаат да мислат, да слушаат, да дискутираат и да соработуваат, што се значајни алатки во секојдневниот живот. Тие развиваат критичко и креативно размислување, чувство на зачуденост кое треба да следува со филозофирањето… Нивната имагинација и љубопитност се подобруваат. Што е многу интересно, а и многу истражувања го покажуваат тоа, се создава основа за подобар успех и по другите предмети – објасни тој.
Според д-р Поповски, на овој предмет им се зголемува самодовербата на децата бидејќи некој ги прашува што мислат, а не репродуцираат материја како што се бара од нив на училиште.
– Критичкиот дух потешко се поттикнува кај возрасните со дефинирани ставови. Децата по својата природа се критички настроени. Кога се развиваат, тие се збунети од светот околу нив. Бараат смисла во светот и се обидуваат да одговорат на основните прашања. Возрасниот потешко ќе го навратите да филозофира, да размислува за основните нешта. Кај децата тоа е многу поприродно. Побрзо и подлабоко навлегуваат во филозофските прашања. Оние со поголеми деца забележуваат дека детето честопати прашува „Зошто?“ Детето прашува тешки и длабоки филозофски прашања. Ќерка ми, која има 7 години, завчера ме праша „Дали секогаш ќе има години?“ Сакаше да праша „Дали времето ќе трае засекогаш“ – на смеа раскажуваше Мартин.
Во продолжение, последете го целото видео од поткастот.