ТАРАВАРИ ОСТАНА БЕЗ ПОДДРШКА ОД ДЕЛ ОД ПАРТИЈАТА Поранешни соработници го обвинија за предавство и враќање кон стариот режим

Последните состаноци организирани од крилото на Арбен Таравари, наречени „партиски конгреси“, се за „ширење поделби и етикетирања“, тврдат незадоволниците.

1,046

Група поранешни функционери и членови на Алијансата за Албанците кои не се согласуваат со политичкиот курс на Арбен Таравари, денеска одржаа прес-конференција, на која порачаа дека граѓаните сакаат продолжување на промените, а не враќање на стариот режим.

Меѓу говорниците беше и поранешниот министер Азир Алиу, кој истакна дека тие ја слушнале базата, разговарале со активистите и се убедиле дека „Албанците сакаат стабилност, одговорно владеење и продолжување на промените“.






– Во овој турбулентен политички период, кога стариот режим прави последни обиди да ја затемни надежта за промени, ние не реагиравме импулсивно. Разговаравме со партнерите и делувавме со смиреност и одговорност – изјави Алиу.

На настанот присуствуваше и Арбен Фетаи, кој вчера беше разрешен од страна на Таравари од функцијата претседател на партиското собрание. Тој е дел од осумтемина членови на Претседателството кои јавно изразија несогласување со политиките на актуелното раководство на Алијансата.

Незадоволните членови истакнаа дека не прифаќаат соработка со ДУИ за претстојните локални избори, како што најави Таравари, и порачаа дека нема да ја напуштат битката „на половина пат“.

– Алијансата не е создадена да биде ничија алатка. Таа е гласот на граѓаните, на промените и еднаквоста – порачаа тие, потенцирајќи дека остануваат посветени на реформите и на процесот на интеграција, како дел од коалицијата Вреди.

Во однос на последните состаноци организирани од крилото на Таравари, кои беа наречени „партиски конгреси“, тие изразија незадоволство од, како што рекоа, „ширење поделби и етикетирања“. Осудија и навреди упатени кон младите и жените Албанки, кои, според нив, не го претставуваат духот на Алијансата за Албанците.

Од другата страна, Таравари изјави дека се разрешени само лица кои јавно делувале против интересите на партијата, а за Мимоза Муса дополни дека не е јасно дали таа останува со Алијансата или со коалицијата Вреди.

Поврзани содржини