ТАНКЕРИ ВО ПЛАМЕН, ЕДЕН МОРНАР ЗАГИНА Ескалација во Персискиот Залив, досега се нападнати најмалку 16 брода
Нападот, кој се случил во ирачките територијални води, претставува кршење на суверенитетот на Ирак, изјави портпарол на ирачката армија.
Најмалку едно лице загина во напад врз два нафтени танкери во Персискиот Залив, соопштија утрово ирачките власти.
Нападот, кој се случил во ирачките територијални води, претставува кршење на суверенитетот на Ирак, изјави портпарол на ирачката армија, објави државната новинска агенција ИНА.
– Шест брода беа испратени да им помогнат на екипажите на двата нападнати танкери – рече тој.
Танкерите беа погодени во близина на пристаништето Ум Каср во јужен Ирак.
Портпаролот додаде дека меѓу вкупно 38 членови на екипажот од двата танкера, едно лице загинало.
Првичната истрага на ирачките безбедносни претставници покажа дека бродови натоварени со експлозив од Иран ги погодиле двата танкера, јавуија Ројтерс и Си-Ен-Ен.
Станува збор за танкерот „Сафесиа Вишну“ кој плови под знаме на Маршалските Острови и за танкерот „Зефирос“ со знаме на Малта, изјавија двајца ирачки пристаништни службеници.
Трговскиот оператор на „Сејфси Вишну“ е со седиште во САД.
Неколку други бродови во водите на Персискиот Залив беа нападнати со ракети, објавија поморските власти.
– Ова се чини дека означува директен и силен ирански одговор на синоќешната објава на Меѓународната агенција за енергетика за масовно ослободување на стратешки резерви насочени кон смирување на спирално растечките цени – вели аналитичарот Тони Сикамор.
Најновите напади врз бродови поврзани со САД и со Европа означуваат ескалација на иранскиот спор против американските и израелските сили. Со нив, бројот на погодени бродови во Ормускиот Теснец и во Персискиот Залив од почетокот на војната против Иран, што ја покренаа САД и Израел, се искачи на најмалку 16.
Нафтените пристаништа во Ирак целосно ги прекинаа операциите по нападот, додека комерцијалните пристаништа сè уште функционираат, објави ирачката новинска агенција, повикувајќи се на раководителот на државната Генерална компанија за ирачки пристаништа (GCPI).
Тројца членови на екипажот на тајландскиот трговски брод вчера беше нападнат во Ормутскиот Теснец се водат како исчезнати.
– Се верува дека се заробени во машинската просторија – изјави сопственикот на бродот „Прешс Шипинг“.
„Компанијата соработува со надлежните органи за спасување на овие тројца исчезнати членови на екипажот“, соопшти компанијата, додавајќи дека преостанатите 20 члена на екипажот биле безбедно евакуирани и се на брегот во Оман.
Иранската револуционерна гарда предупреди дека секој брод што поминува низ Ормускиот Теснец ќе биде нападнат.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ги засили американските напади врз Иран доколку продолжи да го попречува преминот низ теснецот.
Превозот во Персискиот Залив и Ормускиот Теснец, преку кој се транспортира околу една петтина од светската нафта, е практично запрен од почетокот на војната на 28 февруари, што предизвика скок на глобалните цени на нафтата.
JUST IN – American owned oil tanker struck by explosive drone boats near Iraqi waters, preliminary reports indicate — TankerTrackers pic.twitter.com/Tpu1tXje6u
— Disclose.tv (@disclosetv) March 11, 2026