ТАЛАТ ГО ПРОГЛАСИ ВНЕСУВАЊЕТО НА АЛБАНСКИОТ ЈАЗИК ВО УСТАВОТ ЗА „УМРЕНО“ Во право е, вели поранешниот спикер Вељаноски
На денешниот брифинг со новинарите, собранискиот спикер Талат Џафери истакна дека целосно ја отфрла можноста откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата да може да се поднесуваат нови амандмани надвор од тие што ги предлага таа како иницијатор, како што е барањето за бришењето на описот „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот.
Собранискиот спикер Талат Џафери е целосно во право и воопшто не згреши што денеска го прогласи крајот на желбите за вметнување на албанскиот јазик во Уставот и отстранување на квотата „20 отсто“, коментира за Плусинфо поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
– Доколку предлагачот, односно Владата, во предлогот за пристапување на измена на Уставот, којшто мора да ги каже насоките и да образложи зошто бара поддршка за измена на Уставот, не вметне дека бара поддршка и за измена на амандманот 5 со којшто е изменет членот 7 од Уставот којшто ја разработува употребата на јазикот, тогаш, при евентуално поминување на тој предлог, нема да може во втората или во третата фаза да се интервенира врз тие членови на Уставот. Затоа, целосно се согласувам со актуелниот спикер – ни изјави Вељаноски.
Инаку, на денешниот брифинг со новинарите, Џафери истакна дека целосно ја отфрла можноста откако ќе стигнат нацрт амандманите од Владата да може да се поднесуваат нови амандмани надвор од тие што ги предлага таа како иницијатор, како што е барањето за бришењето на описот „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот.
Според Џафери, ниту Владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката, така што ги стави во купот на алиби политички изјави сите барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија.
Тој ја отфрли и можноста за покренување уште една паралелна иницијатива за уставни измени околу ваквите барања, нагласувајќи дека има пропишан рок колку време, т.е. години треба да поминат за да се покрене одново процес за уставни измени.