Никола Мицевски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Собранието рече дека пратеничката група на неговата партија нема да го поддржи предлогот Талат Џафери да биде претседател на Собранието затоа што се незадоволни од работата на законодавниот дом во преходниот мандат.
– Ако денот по утрото се познава ќе имаме лош ден. Да дадеме пример дека овој законодавен дом може да работи и по закон и по Устав, но ова владејачко мнозинство е истото владејачко мнозинство што го злоупотребуваше Деловникот на Собранието. Со 62 пратеника нема функционалност ниту стабилна работа во овој законодавен дом, а нема ниту далеку да стигне. Гледате, два дена се менаџирате и давате разно разни изјави во медиумите и тешко ви оди – рече Мицевски.
Талат Џафери го предложија за претседател на Собранието 62 пратеници, а предлогот го образложи, пратеникот Изет Меџити кој рече дека Џафери и досега успешно ја извршувал функцијата.
Пратеничката Гордана Силјановска истакна дека изборот на собранискиот претседател не треба да биде дел од пазарот за владината коалиција, што за жал се слуичило и со предложениот старо нов претседател кој треба да биде чувар на Деловникот и процедурата.
– Европското знаме неколкупати беше злоупотребувано, зошто е јасно дека кога предлагате закон со европско знаменце, треба прецизно да ја наведете директивата, во спротивно чуварот на правдата треба да го врати законот на владата со назнака дека во рок од две недели треба да ја наведе директивата, а тоа не се случуваше. Би била среќна ако биде избран и ако ме демантира – рече Силјановска.