Тачи распали по Курти дека е лажго, страшливец, расколник, човек без достоинство, антиамериканец…

Ваквото однесување на Курти, вели Тачи, ги растура историските алијанси и е опасно по односите на Косово со САД

742

Косовскиот претседател Хашим Тачи вечерва изрече низа навреди и обвиненија на сметка на премиерот Албин Курти, за кого вели дека ѝ нанесува штети на државата, со тоа што „се залага за растурање на историските сојузништва“ на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Повод за реакцијата на Тачи е упорното одбивање на Курти да ги исполни барањата на официјален Вашингтон за целосно и безусловно укинување на таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, како услов за продолжување на преговорите меѓу Приштина и Белград и постигнување конечен договор за решавање на споровите меѓу двете држави.






Обвинувајќи го Курти за антиамериканство, Тачи во неговата објава на Фејсбук наведува дека таквиот став на актуелниот премиер и некогашен дисидент и опозиционер, потекнува уште од времето на косовско-српските преговори со меѓународно посредништво во францускиот замок Рамбује во 1998 година.

Односот против Америка, според косовскиот претседател, сегашниот премиер го искажуваше и во времето кога секој од последните четворица американски претседатели се залагаше за Косово.

Овој став „против“, Курти го посеа уште во времето на Конференцијата во Рамбује. Беше против администрацијата на (Бил) Клинтон. И во Виена, против администрацијата на (Џорџ) Буш. И при демаркацијата со Црна Гора против администрацијата (Барак) Обама – (Џо) Бајден. И сега кога се нуди една можност за меѓусебно признавање (на Косово и Србија) од администрацијата на претседателот (Донлд) Трамп, Курти е повторно против, пишува Тачи.

Единствената константа на Курти“, вели косовскиот претседател во објавата насловена „Препелкањата на Курти“, е неговото позиционирање против Америка, односно „на спротивната страна на историјата“.

Исфрустриран, продолжува со лагите и измамите. Страшливец и ѓаволест, врши раскол во политиката и инстититуциите на Косово. Нема храброст ниту да ја укине таксата, ниту да воведе реципроцитет. Ја исмева и саботира државата, напиша, меѓу другото Тачи.

Ваквото однесување на Курти, вели Тачи, ги растура историските алијанси и е опасно по односите на Косово со САД.

Народот на Косово има верба во Соединетите Американски Држави. Сојузништвото со САД е свето. Ние сите имаме должност да го браниме, порача Тачи.

Фото: EPA/VALDRIN-XHEMAJ

Поврзани содржини