ТАЧИ ОТКРИ КАКО АХМЕТИ ГО МОЛЕЛ МИЦКОСКИ ДА ВЛЕЗЕ ВО ВЛАДАТА Лидерот на ДПА вели дека ДУИ ќе изгуби на изборите
Тачи рече дека ако биде испровоциран дополнително ќе открие кој, со имиња и презимиња, бизнисмени од Скопје, луѓе од Албанија го молеле Мицкоски и дека ДУИ се согласила да влезе во Владата дури и без претседател на Парламентот.
Лидерот на ДПА Мендух Тачи синоќа на гостување во ТВ21, рече дека се покајал што влегол во Европскиот фронт. Тој го нападна лидерот на ДУИ, Али Ахмети дека не си го одржал зборот.
– Јас се покајав што влегов во Европскиот фронт – рече Тачи и на прашањето зошто влегол додаде:
– Затоа што јас сум таков, кога ќе се договорам, останувам до крај на договорот. И мислам дека мажите и жените кои не остануваат до крај на договорот се нечесни.
Прашан кој не си го одржал зборот, Тачи рече:
– Првиот, господинот Ахмети. Затоа што ние во принцип се договоривме да создадеме Фронт.
Тачи смета дека Ахмети ќе доживее катастрофа на следните избори.
– Моето почитување кон сегашниот премиер доаѓа од многу други работи, бидејќи тој е лидер на партија, тој убедливо ги доби изборите и немам ништо против него. Но, моето почитување доаѓа и од друга причина што не го измами Алиу како што го измами Груевски. Бидејќи Алиу посегна по Никола Груевски, а Груевски ја забоде ДПА, заедно со Али Ахмети – рече Тачи.
Тој се закани дека ако уште еднаш биде прозван ќе каже како ДУИ го молела Мицкоски за да влезе во Владата.
– Вечерва ќе одам до тука. Ако отворат уста за уште еден збор на следниот јавен настап ќе кажам колку пати го молеа Мицкоски. Кој, со имиња и презимиња, бизнисмени од Скопје, луѓе од Албанија колку се поклониле, како се согласиле да влезат дури и без претседател на Парламентот – рече Тачи.