СЗО: Веќе еден месец расте бројот на новозаразени со коронавирус во светот
Ова се загрижувачки трендови што го покажуваат влијанието на мутациите на вирусот, отворањето на општествата и нерамномерното воведување вакцини, вели шефот на СЗО.
Бројот на случаи со ковид-19 во светот се зголемува четири недели по ред, откако се намали шест недели во јануари и февруари, и тоа загрижува , изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Адана Гебрејесус.
– По шест недели опаѓање на случаи со ковид-19 во јануари и февруари, сега имаме четврто последователно зголемување на бројот на случаи. Во моментов, бројот на смртни случаи продолжува да опаѓа, но со побавно темпо – нагласи Тедрос.
Според него, бројот на случаи се зголемува во повеќето региони.
– Ова се загрижувачки трендови што го покажуваат влијанието на мутациите на вирусот, отворањето на општествата и нерамномерното воведување вакцини – додаде шефот на СЗО.
„Во последните 24 часа, повеќе од 535.000 нови случаи на заразени со ковид-19 се пријавени ширум светот, а речиси 10.000 луѓе починаа“, соопшти СЗО.
Во изминатиот ден се регистрирани 535.860 новоинфицирани и 9.868 смртни случаи.
Регистрирани се 233.900 нови случаи во Европа. Следат Северна и Јужна Америка со 195.970 и Југоисточна Азија со 49.211 новозаразени. САД сѐ уште имаат најмногу случаи на коронавирус од почетокот на пандемијата – повеќе од 29 милиони, следуваат Бразил и Индија со повеќе од 11 милиони.