СЗО НА ЕВРОПЕЈЦИТЕ ИМ ПРЕПОРАЧА ДА НАМАЛАТ СО СОЛТА Кардиоваскуларните болести се одговорни за 40% од смртните случаи во Европа
Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), тоа изнесува 10.000 смртни случаи дневно, или 4 милиони годишно.
Кардиоваскуларните болести се одговорни за 40% од смртните случаи во Европа, соопшти денеска Светската здравствена организација(СЗО), апелирајќи до Европејците да го намалат внесот на сол.
Тоа изнесува 10.000 смртни случаи дневно, или четири милиони годишно.
– Спроведувањето на насочени политики за намалување на внесот на сол за 25% би можело да спаси околу 900.000 животи од кардиоваскуларни болести до 2030 година – посочува Ханс Клуге, директор на европската филијала на СЗО.
Во Европа, секој трет возрасен човек на возраст од 30 до 79 години страда од хипертензија, често поради големо консумирање сол.
51 од 53 земји во европскиот регион на СЗО имаат просечен дневен внес на сол над препорачаниот максимум на СЗО од 5 грама, или една кафена лажичка, главно поради преработената храна и грицките.
„Високиот внес на сол го зголемува крвниот притисок, кој е водечки фактор на ризик за кардиоваскуларни болести како што се срцев удар и мозочен удар“ – соопшти СЗО.
Европа има највисока преваленца на крвен притисок во светот, се посочува во извештајот од Светската здравствена организација.