СЗО е во контакт со официјален Лондон заради новиот вид на коронавирус
Новиот вид на коронавирус, идентификуван во Велика Британија, е до 70 проценти позаразен, но не се смета за посмртоносен, па затоа вакцината треба да биде ефикасна - вчера соопшти Џонсон.
Светската здравствена организација (СЗО) информира дека е во тесен контакт со британските власти поради новата мутација на коронавирусот, за која Велика Британија веќе ги извести, како и за побрзото ширење на овој вид на вирус.
– Официјалните лица во Велика Британија ќе продолжат да ги споделуваат информациите и резултатите од нивните анализи и студии и кога ќе дознаеме повеќе за карактеристиките на оваа варијанта на вирусот и сите негови импликации, ќе ги ажурираме податоците и ќе ги информираме земјите-членки и јавноста – соопшти СЗО преку твит, пренесе Хина.
– Новиот вид на коронавирус, идентификуван во Велика Британија, е до 70 проценти позаразен, но не се смета за посмртоносен, па затоа вакцината треба да биде ефикасна – вчера соопшти британскиот премиер Борис Џонсон.
Велика Британија го извести СЗО за побрзото ширење на овој вид на вирус, а главниот британски епидемиолог Крис Вити вчера изјави дека нивната советодавна група за опасноста од итни случаи и нови респираторни вируси (NERVTAG) верува дека новиот вид може да се прошири побрзо меѓу населението.
– Во моментов немаме индикации дека новиот вид на коронавирус предизвикува поголема смртност или влијае на вакцините и начините на лекување. Во тек се итни истражувања кои треба тоа да го потврдат – додаде Вити.