Во градскиот парк во Кавадарци од денеска и официјално започна со работа регионален вински музеј.
Проектот „Унапредување и промоција на вински туризам во Вардарскиот плански регион преку инфраструктурно уредување на регионален вински центар-Винска куќа во општина Кавадарци”, се реализираше во партнерство со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и Општина Кавадарци во периодот 2019-2020 година.
Проектот се реализираше согласно Програмата за рамномерен регионален развој на Бирото за регионален развој за 2019 година со вкупна сума од 7.549.640 денари, а општината учествуваше со сопствени средства во висина од 3.096.460 денари.
„Со реализацијата на овој регионален проект ќе добиеме заеднички вински центар, каде што сите производители од регионот ќе можат да ги промовираат своите производи на едно место, а со тоа да обезбедиме една поголема промоција на нашиот вински регион со што ќе го подобриме локалниот економски развој“, соопштија од Општина Кавадарци.