СВЛЕЧИШТЕ ГО ОТЕЖНУВА СООБРАЌАЈОТ КАЈ НОВАЦИ Состојбата се влошила во текот на ноќта
На сите учесници во сообраќајот им се препорачува крајна внимателност, строго почитување на поставената сообраќајна сигнализација, прилагодување на брзината според условите на патот.
Значително е влошена состојбата на регионалниот патен правец на делницата Битола – Новаци – Маково, на влезот кај депонијата Мегленци, поради појава на сериозни деформации на коловозот, во близина на свлечиштето, соопшти градоначалникот на општина Новаци, Стевче Стевановски.
– Во текот на ноќта значително се влоши состојбата на регионалниот патен правец R1311 на делницата Битола – Новаци – Маково, на влезот кај депонијата Мегленци, во близина на свлечиштето поради појава на сериозни деформации на коловозот. Благодарение на координативните активности на сите вклучени страни со екипи, камиони и тешка механизација на РЕК Битола и ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта кои се ангажирани за рамнење и тампонирање, веќе е при крај изградбата на земјена девијација во должина од 400–500 метри – соопшти Стевановски.
Сообраќајот не е веќе во прекин и се одвива отежнато. На терен е поставена соодветна привремена сообраќајна сигнализација. На сите учесници во сообраќајот им се препорачува крајна внимателност, строго почитување на поставената сообраќајна сигнализација, прилагодување на брзината според условите на патот.
Свлечиштето било пријавено на 27.11.2025 година.