Светскиот ден на слободата на медиумите: Новинарството без страв и пристрасност
Оваа година, како резултат на пандемијата на коронавирусот, во фокусот се правата на медиумските работници и немањето институционална поддршка.
Светскиот ден на слободата на медиумите се слави секоја година на 3 мај. Целта на одбележувањето е да се промовира принципот на слобода на медиумите, да се истакне важноста на заштитата на медиумските слободи и борбата против сите форми на влијание врз медиумите, како и да се потсетиме на медиумските работници кои ги загубија животите при вршење на својата работа.
Оваа година, како резултат на пандемијата на коронавирусот, во фокусот се правата на медиумските работници и немањето институционална поддршка.
Светскиот ден на слободата на медиумите се одбележува од 1993 година, врз основа на одлука на Генералното собрание на Обединетите нации истата година и по препорака на Генералното собрание на УНЕСКО од 1991 година.
Како ден за одбележување е Годишнината од усвојувањето на Декларацијата Виндхоек за промовирање на независно и плуралистичко африканско новинарство од 1991 година, донесена од африканските новинари во градот Виндхоек, Намибија.
Оваа година, Светскиот ден на слободата се одбележува со глобалната кампања на Обединетите нации за медиуми и социјални медиуми со фокус на „новинарството без страв и пристрасност“ во се повеќе комплексно медиумско опкружување обележано со дезинформации, лажни вести и разни форми на влијание врз работата на медиумите.
Професионалното новинарство е јавно добро кое не смее да се ограничи, порачуваат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
– Одбележувајќи го Светскиот ден за слобода на медиумите – 3 мај, денес, повеќе од кога и да е претходно стана јасно значењето на независното и професионално новинарство. Кризата предизвикана од Ковид-19 пандемијата ги исфрли на врвот предусловите за функционална демократија а тоа е дека новинарството мора да се третира како јавно добро, а протокот на информациите не смее да биде ограничен. Одговорното и професионално новинарство токму во оваа кризна ситуација се покажа како клучно во насока на информирање на граѓаните, велат од ССНМ и од ЗНМ.
Повикуваат на солидарност и поддршка, пред се од јавноста, за новинарите и медиумските работници кои во последните два месеци се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски, но и етички предизвици, во обидот правилно и навремено да информираат за случувањата поврзани со ковид-19 пандемијата.
Според нив, 92-то место во извештајот на „Репортери без граници“ иако е мал напредок, сеуште е разочарувачка позиција и затоа потсетуваат на минатогодишните барања по повод Светскиот ден за слобода на медиуми, односно темелни реформи во медиумскиот сектор со цел воспоставување на услови за работа на новинарите и медиумските работници преку кои би се создал амбиент за извршување на нивните работни задачи без притисоци, уцени и загриженост за нивната економско-социјална состојба.
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) по повод Светскиот ден на слободата на медиумите повикува на зголемена одговорност во почитувањето на фундаменталните принципи на слободата и независноста на медиумите, како и на заштита на новинарите и медиумските работници во исполнувањето на нивната одговорност за професионално информирање во интерес на јавноста.
Македонскиот институт за медиуми (МИМ) денеска упати честитка по повод Светскиот ден на слободата на медиумите во која истакнува дека пандемијата покажала колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни и проверени информации базирани на факти обезбедени од кредибилни извори.
– Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност – посочува МИМ.
Оттаму оценуваат дека кризата уште повеќе ја покажала сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи.