СВЕТОТ ВО ШОК ОД АМЕРИКАНСКИОТ НАПАД ВРЗ ВЕНЕЦУЕЛА Реакциите варираат од млаки повици на воздржаност до жестоки осуди за оружана агресиија
За разлика од воздржаната европска реторика, Москва остро го осуди нападот, нарекувајќи го „чин на оружена агресија“. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека целосно го поддржува венецуелското раководство.
Американскиот воен напад врз Венецуела предизвика силни и поделени реакции на меѓународната сцена – од повици за воздржаност и почитување на меѓународното право, до остри осуди и барања за итна реакција од Обединетите нации.
Од Брисел, Европската унија порача дека внимателно ја следи ситуацијата и апелира на почитување на меѓународното право и Повелбата на ОН. Високата претставничка за надворешна политика Каја Калас нагласи дека ЕУ не го признава легитимитетот на Николас Мадуро и се залага за мирна транзиција на власта, но истовремено повика на воздржаност и деескалација. Таа информира дека веќе разговарала со американскиот државен секретар Марко Рубио и со амбасадорот на ЕУ во Каракас, потенцирајќи дека безбедноста на граѓаните на Унијата е приоритет.
Слични, внимателно избалансирани пораки стигнаа и од неколку европски земји. Шпанија понуди посредништво за мирно решение и повтори дека не ги признава спорните претседателски избори во Венецуела од 2024 година. Германија и Италија соопштија дека со загриженост ја следат ситуацијата и се во постојан контакт со своите дипломатски мисии, при што Рим посебно ја нагласи грижата за големата италијанска заедница во Венецуела. Белгија, Полска и Холандија исто така потврдија координација со европските партнери и следење на состојбата на терен.
За разлика од воздржаната европска реторика, Москва остро го осуди нападот, нарекувајќи го „чин на оружена агресија“. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека целосно го поддржува венецуелското раководство и предупреди дека Латинска Америка мора да остане „зона на мир“, повикувајќи на итен дијалог и спречување на понатамошна ескалација. Слична позиција зазеде и Белорусија, која оцени дека американската операција претставува директна закана за меѓународната безбедност.
Остри осуди стигнаа и од Иран, кој нападот го оцени како грубо кршење на Повелбата на ОН, нагласувајќи дека станува збор за воена интервенција врз суверена држава. Техеран потсети на блиските политички и безбедносни врски со Каракас.
Во Латинска Америка, реакциите беа најжестоки. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел го нарече нападот „криминален чин и државен тероризам“, додека колумбискиот претседател Густаво Петро побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да се утврди меѓународната легалност на, како што рече, „американската агресија врз Венецуела“.