СВЕДОШТВО НА ЌЕРКА НА ПАЦИЕНТ КОЈ СЕ СПАСИЛ Сестра ми и татко ми не тврдат дека пукнат штекер предизвикал пожар

1,574

Девојката, чиј татко бил меѓу пациентите што биле хоспитализирани во модуларната болница во Тетово и се спаси, преку социјалните мрежи ја раскажа семејната потресна приказна од синоќешната трагедија:

 

„Значи вака – ова е нашата приказна!!!






Прво, ОГРОМНА ама НАЈОГРОМНА благодарност за медицинскиот персонал во модуларната болница во Тетово! Вложуваат натчовечки напори за секој пациент сместен таму и тоа е единствената вистина и став на моето семејство. Се останато напишано е невистина и срамота да се изврти!

Дека пациентите во модуларна се со придружба поради недостиг на персонал е точно, да, но сфатете дека бројот на хоспитализирани во Тетово е ОГРОМЕН! Медицинскиот персонал, колку и да е дефицитарен, прави сè што може за пациентите згрижени таму и ова ви го кажувам од прва рака! Не е фер да се изврти работата и да се оцрни името на персоналот – на татко ми вчера му помогнал да излезе еден човек, но сестра ми во таа паника не видела кој е, а денеска дознавме дека човекот бил дел од ПЕРСОНАЛОТ!

Се покајав што воопшто давав изјави за медиуми, бидејќи дел од нив од ваква трагедија сакаат да направат сензација (секоја чест за исклучоците, а ги има) и не почитуваат никаков етички кодекс. Ве молам не ни ставајте зборови во уста!

Муабетот дека поради пукнат штекер настанал пожарот – да, кажав дека таков муабет слушавме, а сигурно и сите вие во Тетово слушате. НО! Сестра ми и татко ми не виделе ништо, сè што сакале во тој момент и таа паника било да се спасат и во никој случај не тврдат дека тоа е причината за пожарот бидејќи пак напоменувам НЕ ВИДЕЛЕ!

Дека пожарот изби многу бргу е факт, дека луѓе гореа живи за жал е факт, факт е дека моите а и многу други избегаа низ прозорец, факт е дека колку и да го критикувате постоењето на придружба – придружбата заедно со персоналот им помогнаа на дел од пациентите да се евакуираат.

А најголем факт е дека ова е огромна трагедија за која верувам НИКОЈ не посакувал да се случи – пожарот се рашири многу брзо и тоа е максимумот што можеше да се направи“, напиша на социјалните мрежи ќерката на спасениот пациент.

Поврзани содржини