СВЕДОКОТ НА ПАЛЕВСКИ ОДБИЛ ДА ДОЈДЕ ВО СУД Палчо тврдеше дека заедно чекале ред во банка дента кога е убиена Вања
Овој сведок беше предложен од првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски. Тој требаше да каже дали на денот на убиството на Вања, бил во Халк банка и заедно со Палевски чекал ред.
Сведокот Мартин Панчевски, кого обвинетиот Љупчо Палевски го повика да сведочи дека заедно чекале ред во банка претпладнето кога е убиена Вања, одбил да ја прими поканата од судот.
– Поканата од судот е вратена со назнака дека не сака да ја прими – рече судијата Ивица Стефановски.
Овој сведок беше предложен од првообвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Љупчо Палевски. Тој требаше да каже дали на денот на убиството на Вања, бил во Халк банка и заедно со Палевски чекал ред.
Палевски тврдеше дека додека чекал ред во банката, еднаш го вратиле од шалтер, па се враќал, стоел и разговарал со извесен професор Мартин Панчевски. Панчевски беше поканет како сведок, но судијата на претходните рочишта рече дека не бил најден на дадената адреса и дека ќе биде поканет уште еднаш за рочиштето на 26 март. Но сведокот Панчевски и денеска не дојде.
Палевски приложи уплатница со извршена уплата во 11.40 часот, во Халк банка во Буњаковец. На едно од рочиштата неговата одбрана побара Судот да ѝ нареди на банката да достави снимки од кои се гледа дека Палевски е внатре во банката и долго време чека ред. Судот го прифати ова барање и најави дека ќе го прибави како доказ видеонадзорот од Халк банка во периодот од 9 до 12 часот на 27 ноември 2023 година.
Според Обвинителството, по убиството на Вања, Палевски со „рено кангу“ се вратил во седиштето на Десна околу 10 часот. Неговата одбрана објаснува дека тој бил во банката многу порано од времето на уплатата, кое е 11.40 часот. А убиството на Вања, според обвинението, се случило пред 9 часот.
Судијата го отфрли барањето на Палевски за изземање на тројцата обвинители како неосновано.