СВЕЧЕНО ЗАТВОРЕНИ ИГРИТЕ ЕМОФ 2025 Илјадници млади спортисти се збогуваа со Македонија

Со свечена церемонија во Скопје, исполнета со емоции и гордост, вечерва беше затворен Европскиот младински олимписки фестивал 2025, настан што остави трага во историјата на македонскиот спорт.

113

Вечерва на платото пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје беше свечено затворен Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ 2025. Присутни беа спортистите од 48 европски земји, дел од 15 спортски дисциплини, кои во изминатите денови настапуваа на натпреварите во Скопје и во Куманово.

На церемонијата се обрати претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, кој ја изрази својата гордост за успешната организација и истакна дека Македонија, иако мала, има огромно срце и љубов кон спортот.






– Вие сте сегашноста и иднината. Ви благодарам за пожртвуваноста, резултатите и спортскиот дух. Поставивте бројни олимписки, европски и лични рекорди и токму затоа ЕМОФ 2025 ќе остане запаметен. Горд сум што Македонија беше ваш дом оваа недела – порача Димевски.

Претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос, им се заблагодари на сите спортисти, тренери, волонтери и организатори кои го направија Фестивалот спектакуларен.

– Со длабоки емоции го затворам ЕМОФ 2025. Покажавте дека спортот е многу повеќе од победа. Во оваа недела видовме фер-плеј, другарство и неверојатна енергија. Вашите настапи се следеа ширум Европа. Ви благодарам што ја направивте оваа манифестација посебна – рече Капралос.

Фестивалот, кој се одржа од 20 до 26 јули, помина во знакот на извонредни спортски достигнувања, меѓународно пријателство и безрезервна поддршка од публиката. Најуспешна нација беше Италија, која освои вкупно 50 медали, од кои 19 златни и токму таа ќе биде домаќин на следното, 19-то издание на ЕМОФ.

Поврзани содржини