СУДСКИОТ СОВЕТ НЕЗАКОНСКИ ГЛАСАЛ ЗА ИЗБОРОТ НА УСТАВНАТА СУДИЈКА ДУКОВСКА Управинот суд ја објави пресудата за поништувањето
Пред гласањето за предлогот за уставен судија имало тројца кандидати, но откако првиот кандидат ги добил потребните 8 гласа „за“ Судскиот совет не гласал за останатите двајца кандидати на гласање, а тоа е противзаконски, пресуди Управниот суд.
Неправилно спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет е причината поради која Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд.
Според пресудата, во конкретниот случај Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно да ги разгледа сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за Судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.
Пред гласањето за предлогот за уставен судија имало тројца кандидати, но откако првиот кандидат ги добил потребните 8 гласа „за“ Судскиот совет не гласал за останатите двајца кандидати на гласање.
„Судот наоѓа дека со ваквиот начин на гласање на членовите на Советот, односно со негласање по останатите 2 предлози е оневозможенаеднаква примена на правилата на постапката за сите кандидати, со оглед дека само еден кандидат добил можност за реална подршка преку гласање. На другите 2 кандидати им е ускратена можноста да имаат ист третман и еднакви можности при изборот, иако претходно сите три кандидати биле поддржани од членовите на Советот. Ова влијае врз законитоста и транспарентноста на постапката, со оглед дека предлог избор не е донесен врз основа на целосно разгледување и гласање по сите предлози, туку по хронолошки редослед на изнесените предлози, поточно само по првиот предлог, со што е повредено не само начело на еднаквост, туку и начелото на мерит системот со оглед дека се оневозможува реална и објективна споредба на квалитетите, резултатите и придонесот на кандидатите во развојот на правната мисла и систем. Ова во смисла на исполнетост на условите од член 98 од Законот за Судски совет со што се дерогира законската обврска за еднаков, меритократски и транспарентен пристап во постапката, што е спротивно и на темелните уставни принципи на еднаквост и отчетност при вршење на јавна функција“, се вели во пресудата.
Дополнително, од увидот во записникот од седницата се утврдува дека членовите на Судскиот совет се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат, додека, останатите два предлога биле игнорирани.
„Исто така, од увидот во записникот неспорно произлегува дека по излагањето на биографиите на кандидатите од страна на нивните предлагачи, членовите на Советот се согласиле поединечно да гласаат според редоследот на дадените предлози, по што се пристапило кон гласањето само по првоизнесениот предлог на членот на Советот, за кандидатот Е. Д. судија на Апелациониот суд Скопје. По останатите два предлози (вториот и третиот) за предложените кандидати Т. С. судија од Апелациониот суд Битола и А.Д. судија од Основен граѓански суд Скопје, не се пристапило кон гласењето, односно гласањето е прескокнато, по што првоизнесениот предлог бил усвоен и се утврдил предлог Е. Д. судија на Апелациониот суд Скопје за избор на судија на Уставен суд од редот на судиите“ се вели пресудата.
Тужбата до Управниот суд ја поднесе Антоанета Димовска, која сега е член на Судскиот совет, а тогаш конкурирала за уставен судија, но за неа не било гласано. Судот оценил дека нејзината тужба е основана.
Управниот суд наложи повторно да се постапи согласно законските критериуми за правичност, транспарентност и еднаквост, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати, со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за Судски совет.
„При повторното постапување тужениот орган треба да ги има во предвид укажувањата и забелешките содржани во оваа пресуда како и цитираните уставни и законски одредби, па по спроведување на законита постапка во рамките на своите уставни и законски надлежности, да донесе правилна и законита одлука за избор на уставен судија донесен во законита, транспарентна и објективна постапка со целосно почитување на мерит принципите и во согласност со член 98 од Законот за судски совет и начелата на правичност, транспарентност и еднаквост“, потенцираат од Управен суд.
Уставната судијка Дуковска беше судија-известител за предметот со Законот за јазиците чија подготвителна седница беше закажана за 19 јуни.
Со пресудата таа се враќа на своето претходно работно место во Апелациониот суд Скопје.
Од Уставен суд најавија став по однос на пресудата.