СУДСКАТА ВЛАСТ ГО ОБВИНИ ПРЕМИЕРОТ ЗА НЕАРГУМЕНТИРАНИ НАПАДИ Платите на судиите биле само еден сегмент од нивната финансиска независност
Мицкоски вчера нагласи дека јавноста треба да знае дека реформите во шесте закони од областа на правосудството се за повисоки плати, а не за суштински измени.
Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии објавија соопштение во кое се обраќаат до премиерот Христијан Мицкоски и го обвинуваат за „неаргументирани и паушални напади“.
„Господине Премиер, веќе подолго време Вашите коментари кои ги давате за судиите и судството ја преминаа границата на доброто однесување и преминаа во неаргументирани и паушални напади. Критиката е добронамерна само кога се даваат конкретни забелешки и конкретни предлози за решавање на проблемите. Неаргументирана критика е покажување на намера ништо да не се преземе за подобрување на состојбите, туку севкупната општествена апатија да се префрли како вина на судиите“, се наведува во соопштението.
Според судската власт, последниот извештај на Европската комисија, јасно нагласува дека најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, која е поткопана од постојано мешање на извршната и законодавната власт. „Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност“, наведуваат судиите.
Судската власт го обвини Мицкоски дека го нарушува демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршната.
Судиите велат дека судскиот систем никогаш не генерирал долгови, туку преку наплата на паушали и парични казни, ја полни државната каса, а за возврат не добива нови вработувања, дигитализација на услугите, опремување на судниците и сл.
Мицкоски вчера нагласи дека јавноста треба да знае дека реформите во шесте закони од областа на правосудството се за повисоки плати, а не за суштински измени.
– Знам дека сега ќе ме нападнат, но моралот не ми дозволува да се согласам со зголемување на плати на луѓе кои имаат никаков рејтинг. Ако е тоа клучната реформа, простете, јас нема да ја направам. Не можеме да одвоиме повеќе пари од најразвиените земји во Европа, за финансирање на судовите. Тоа не можеме да го направиме – рече Мицкоски.