Судот во Стразбур ќе ги одбрани помилуваните од Иванов, државата да се спрема за пријателски спогодби!
Во случајов, како што велат познавачите, има две силни основи во правната битка и тоа помилувањата и „бомбите“ кои според Законот за кривична постапка не се докази. Оттаму, за државата е подобро и поевтино да постигне спогодба, бидејќи оштетените странки со добар адвокат многу веројатно ќе ги добијат случаите во Стразбур, најмногу за една година.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур е сериозна институција и не става потпис на било какво барање од граѓани кои сметаат дека се обесправени, а министерот за правда Бојан Маричиќ треба да ѝ се извини на јавноста и да се подготви за уривање на предметите на поранешното Специјално обвинителство, а поврзани со аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов во 2016 година, наместо да се брани под параванот дека добрите вести од Стрaзбур се лажни, реагираат правни експерти откако вчера министерот за правда демантираше дека меѓународниот суд застанал зад помилувањето на 54 лица од страна на Иванов.
Ако Судот во Стразбур оцени дека има сериозна можност да добие некаков предмет, дури тогаш почнува постапка, прво со известување до засегнатата држава кое не треба да се обременува со неизвесност за крајниот исход на спорот или со образложение дека постапката допрва почнува. Напротив, велат познавачите, Судот во Стразбур детално ја разгледал апликацијата од македонските граѓани, па откако ѝ ја измерил тежината, почнал кореспонденција со државата.
Известувањето до македонското Биро за застапување пред судот во Стразбур, стасало на 25 септември годинава. Тоа, впрочем вчера го потврди и министерот за правда кој тврди дека постапката треба допрва да почне, па затоа повика да не се шири лажна вест дека предметите на СЈО потонале.
За да ги разјасниме дилемите во јавноста околу дописот од Стразбур и дали има вистина дека паднале предметите на СЈО поврзани со помилувањето на 54 лица од страна на Иванов, како што објави весникот „Вечер“ што ќе предизвика и сериозен потрес во македонското судство, Плусинфо се обиде да стапи во контакт со директорката на македонското биро за застапување пред судот Даница Џонова. Таа оваа функција ја извршува од 26 јули 2017 година, но бидејќи станува збор за орган на државната управа, а во состав на Министерството за правда, очекуваме од правда одговори на нашите прашања. Побаравме и увид во дописот од меѓународниот суд и евентуално дозвола да го објавиме во јавноста, токму поради заложбите за транспарентност на владата. Засега нема одговор од Министерството за правда. Поранешната министерка за правда Рената Дескоска објаснува дека станува збор за вообичаена процедура во која Европскиот суд за човекови права известува дека е поднесена апликација против државата пред меѓународниот суд на која ќе следува одговор и дека не станува збор за донесена пресуда, за која ќе биде потребно подолго време.
Костадин Богданов, поранешен владин агент и директор на Бирото за застапување на Македонија пред Судот во Стразбур до 2017 година, за Плусинфо објаснува дека спорната фаза може да трае најмногу од 1,5 до две години, по направената комуникација меѓу државата и меѓународниот суд по што би требало да следува пресуда.
Судската практика на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), како што објаснуваат познавачите, покажува дека најчесто уредните барања пред судот завршуваат со пресуда во корист на тие што се жалат. Пред судот да продолжи понатаму, ќе следува задолжителен обид за спогодба, медијација на државата со оштетениот, а доколку во одреден рок не успее тој обид, предметот ќе оди пред судечки совет и ќе се приложува одбрана од двете страни. Во случајов, како што велат познавачите, има две силни основи во првната битка и тоа помилувањата и „бомбите“ кои според Законот за кривична постапка не се докази. Оттаму, за државата е подобро и поевтино да постигне спогодба, бидејќи оштетените странки со добар адвокат многу веројатно ќе ги добијат случаите во Стразбур, најмногу за една година.
Апостолски: Судот во Стразбур почнува постапка ако оцени дека може да го добие предметот
Антонио Апостолски, адвокат кој во својата долгогодишна работа има искуство и со делењето правда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, објаснува како тече постапката кога овој суд ќе пресече да застане во одбрана на обесправените.
– По поднесување на жалбата пред Стразбур, ако судот оцени дека е допуштена жалбата ја известува владата пријателски да се спогоди и да даде нејзини наводи. Владата може да понуди определен износ на отштета, а жалителот може, но и не мора да го прифати, потоа судот може да донесе одлука само за висината и да не продолжи да постапува по другите основи на жалбата и да го заврши предметот – вели Апостолски.
Адвокатот Апостолски пред една година токму во судот во Стразбур извојува победа во случајот „Музеј на Македонија“, тогаш како бранител на златарот Часлав Кузмановиќ. Тој објаснува дека ако судот во Стразбур оцени дека има сериозна можност да добие некаков предмет, тогаш почнува постапка.
Откако ќе биде доставена жалбата пред Стразбур и ако судот утврди дека е допуштена вели Апостолски, ја известува владата да достави писмени наводи за допуштеноста и основаноста на сите или на дел од жалбените наводи во рок од 16 недели, а потоа наводите на владата се доставуваат до жалителот на одговор во рок од 6 недели со доставување на барање за правичен надоместок.
Потоа, судот досудува правичен надоместок во висина што за судот е неопходна и тоа на три основи, материјална штета, односно загуби што биле директна последица или произлегле од наводната повреда на Конвенцијата, нематеријална штета, односно за страдања и стрес што биле предизвикани од повреда на конвенцијата и трошоци кои настанале со цел да се спречи или исправи повредата на Конвенцијата во рамките на домашниот правен систем. Но, овие трошоци судот ќе ги досуди ако оцени дека се разумни.
– Секој случај е различен сам по себе и судот може и поинаку да постапи. Судот понатаму ја поканува владата да заземе став за пријателско спогодување и да достави нејзини предлози. Исто вакво барање се упатува и до полномошникот на жалителот и преговорите за пријателско спогодување се строго доверливи. Ако преговорите завршат без успех, владата може да достави Унилатерална декларација и доколку достави, судот ќе одлучува по член 37 од Конвенцијата за тоа дали постои основ за понатамошно разгледување на предметот. Доколку жалителот се согласи со условите наведени во Унилатералната декларација, судот ќе одлучува согласно постапката за пријателско спогодување – објаснува адвокатот Апостолски.
Судот во Стразбур, понатаму се информира за текот на постапката пред домашните судови, посебно за жалбите кои се однесуваат на неоснованоста на притворот.
Апостолски вели дека доколку владата прифати пријателска спогодба, ќе понуди и висина на отштета, а апликантот може, но и не мора да ја прифати таа висина на паричен износ.
Потоа, владата до судот ја доставува декларацијата со понудениот износ, но жалителот ако не се согласи го известува судот дека пријателска спогодба не е постигната. Во овој случај Судот може и да доносе одлука согласно унилатералната декларација на владата и не продолжува со постапување по жалбата по другите основи и ја досудува понудената висина на отштета од владата која смета дека е и во рамки на праксата пред судот во Стразбур.
Калајџиев уште лани ја предупреди државата на правдата во Стразбур
Професорот Гордан Калајџиев нѐ потсети дека уште минатата година предупреди дека предметите на СЈО ќе наидат на искушенија во постапки пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, откако ќе се исцрпат сите правни лекови во домашното право.
Тој во опсежна анализа „Помилувањата на претседателот Иванов во сенка на уставноста на Законот за помилување“ потсетува на случајот „Лекса против Словачка“ („Leхa v. Slovakia“) во кој, како што вели, државата не може да си поигрува со судбините на луѓето, па ако им биде дадено помилување или амнестија од надлежен државен орган, согласно со Устав и закон не може да си поигрува со нивните судбини.
Случајот „Lexa против Словачка“ е сериозен проблем на кои случаите на СЈО допрва ќе наидат во Стразбур, пишува Калајџиев во анализата.
Судот за човековите права во Стразбур во оваа пресуда доста детално го проучува проблемот на повлекувањето на амнестијата од аспект на човековите права, заклучувајќи дека во случајот тоа претставува повреда на Европската конвенција за човековите права. Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со уставот на Словачка. Судот сугерира дека во таков случај кривичната постапка требало да биде запрена, а предметот да се смета за res judicata.
„Во оваа смисла, ситуацијата во Словачка била слична со нашето право, па е многу веројатно дека одбраната ќе се повика токму на овој случај и на околноста дека според чл. 304 ст. 1 од домашниот ЗКП постапката по одлуката за помилување требала да биде запрена, што не е сторено. Сведоци сме и на фактот дека проблемот со помилувањата се појави во случајот на (одбивањето на) екстрадицијата на обвинетите за скандалот со прислушкувањето кои ја добија правната битка во врска со барањето за нивна екстрадиција со одлука на Врховниот суд на Грција. Помилувањата на Иванов за разлика од тој случај имаат двоен проблем со овластувањето на претседателот. Покрај проблемот со спорната можност за помилувања без претходна процедура во Министерството за правда на РМ, претседателот Иванов де факто даде амнестија, за што според Уставот на РМ не е овластен. Квантитетот на одлуките – 56 поединечни одлуки, исто така, укажува дека се работи за амнестија, а не за помилување“, пишува Калајџиев.