СУДОТ ВО СТРАЗБУР БАРА ОДГОВОРИ ОД ВЛАДАТА ЗА СОСТОЈБАТА НА КАМЧЕВ Зошто не му е овозможен кардиолошки преглед?
Европскиот суд за човекови права во Стразбур е во постапка за изрекување времена мерка со која на македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради влошената здравствена состојба на Орце Камчев, информираше одбраната.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур бара одговори од Владата за здравствената состојба на бизнисменот Орце Камчев пред да донесе одлука за изрекување времена мерка, информираше обраната на Камчев.
Како што е наведено во соопштението, најдоцна до 24 ноември годинава, Владата треба да даде информација на Судот во Стразбур за барањето на жалителот од 29 октомври за издавање дозвола за влез на доктор интернист/кардиолог во КПУ Затвор Скопје кој требало да го прегледа Камчев. Барањето било испратено до Основниот суд, па Судот во Стразбур сега ја бара на увид одлуката во која се наведени причините зошто не била дозволена лекарска интервенција.
Но, тоа не е сè што го бара Судот во Стразбур од Владата на Република Македонија. Имено, властите ќе треба да се произнесат и за последниот медицински третман на жалителот Орце Камчев во врска со неговата срцева состојба, односно Владата ќе треба да одговори на кој начин и до кој степен на Камчев му бил обезбеден редовен медицински третман од кардиолог или медицински преглед со помош на ехокардиографија или коронарографија.
„Европскиот суд за човекови права согласно со правилото 39 од Правилата на Судот во случајот на Орце Камчев, а поради причината на флагрантно и континуирано кршење на неговите основни човекови права, е во постапка за изрекување времена мерка со која на македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради неговата влошена здравствена состојба“, информираше одбраната.
Во соопштението е наведено дека на 30 јуни оваа година поради сериозно влошена здравствена состојба Орце Камчев бил задржан пет дена на Клиниката за Кардиологија во Скопје откако претходно, неколкупати по влошување на неговата состојба беше пренесуван на истата клиника од затворот во Скопје.
„Во извештајот кој е добиен од страна на докторите по хоспитализацијата, неговата здравствена состојба е карактеризирана како тешка, животозагрозувачка и истата треба со внимателност да се следи, за што е инициран и преглед месец и половина подоцна кој сè уште не е реализиран. Овие извештаи само ја потврдија состојбата на хронично срцево заболување на Камчев. Медицинските белешки потврдени од кардиолози од Македонија како и од кардиолози од Австрија и Словенија укажуваат на тоа дека тој спаѓа во групата на пациенти со висок ризик од смрт поради кардиоваскуларни проблеми и постои висок ризик со животозагрозувачки последици доколку неговата состојба не е соодветно третирана и следена. Опширната медицинска документација за сериозноста на неговото здравствено заболување и состојба во неколку наврати е веќе доставувана во Судот на увид. Поради итноста и сериозноста на ситуацијата, континуирано влошување на неговата состојба и необезбедувањето на соодветен третман за истата, на 29 октомври одбраната на Камчев се обраќа до Кривичниот суд во Скопје со барање за издавање дозвола за влез во КПУ Затвор Скопје на специјалист интернист/кардиолог, вешто лице од областа на интерната медицина со цел да изврши детален преглед на Камчев и да даде соодветно мислење за здравствената состојба како и препорака за натамошно лекување. Бидејќи за доставеното барање не добива никаков одговор ниту одлука, одбраната се обраќа до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Обраќањето кон Европскиот суд за човекови права се однесува на третманот кој Камчев (не) го добива во затворот во Скопје по однос на неговата здравствена состојба“, наведено е во соопштението.