Судот уверува дека предметите кои почнуваат од почеток нема да застарат
Во ниту еден од овие предмети не постои опасност да застарат, односно најрано застарува за еден обвинет во 2024 година, за сите други застаруваат во 2053 година. Опасност за застарување нема, тие не пропаднаа, може да почнат од почеток, но може и да продолжат таму каде што застанале - велат од Кривичен суд Скопје,
Судијата Горан Бошевски, од Кривичниот суд Скопје, неодамна разрешен и суспендиран од Судскиот совет, постапувал по 28 предмети (два се веќе завршени) и истите се поставени во системот АКМИС за расподелување кај другите судиите од Секторот за организиран криминал, брифираат од Кривичниот суд Скопје. Додека судијата поротник Митко Сандев, освен во предметите Талир, Тендери, Титаник и Топлик учествувал и во пет други предмети.
Од 2013 година согласно систематизацијата на Кривичен суд предвидени се да работат 200 судии поротници, односно актуелно во Кривичниот суд Скопје имаа 54 активни поротници и шест поротници избрани на 14 јули, кои дополнително треба да почнат со работа. Во последниот оглас објавен од Кривичен суд Скопје, за судии поротници биле пријавени 15 судиите поротниците, од 50 колку што се барале, а седум од пријавените биле на возраст од 58 години.
– Дневницата е мала. На месечно ниво земат по 6.000 денари, односно 500 денари од ден. Имаме различни ситуации со судиите поротниците. На сред судење во случајот „Ласкарци“ судија поротник го известил судијата на предметот дека ќе си оди и законот не предвидел механизам во ваква ситуација да му се наметне на поротник да остане. Има случај кога судија поротник си заминал во Германија, велат од Кривичен суд Скопје. Од таму признаваат дека пропаѓаат предмети поради нив и дека таа функцијата не е мотивирачка.
– За предметите каде судијата поротник беше Митко Сандев, ќе биде назначен нов судија поротник. Дали предметите ќе почнат од почеток воопшто не зависи од судот, односно тоа зависи од странките во постапката. Постои можност судењата по овие предмети да не почнат по почеток, туку во едно рочиште формално да се читаат записниците – појаснуваат од Кривичен суд Скопје.
– Во ниту еден од овие предмети не постои опасност да застарат, односно најрано застарува за еден обвинет во 2024 година, за сите други застаруваат во 2053 година. Опасност за застарување нема, тие не пропаднаа, може да почнат од почеток, но може и да продолжат таму каде што застанале – велат од Кривичен суд Скопје, од каде велат дека кај одредени обвинети како што се Никола Груевски, Миле Јанакиевски, кои се обвинети во повеќе предмети треба да се внимава да не се повреди правото на одбраната со закажување на чести судења.