СУДОТ УТВРДИЛ ДЕКА СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА ШИРЕЛА ЛАГИ И КЛЕВЕТИ ПРОТИВ ПРЕМИЕРОТ Пратеничката мора јавно да му се извини на Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека станува збор не само за негова лична пресметка, туку за борба за вистината, принципите и за достоинството на секој што не прифаќа да биде мета на неосновани лаги без последици.
Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Граѓанскиот суд во Скопје донел правосилна пресуда со која се утврдува дека поранешната министерка и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, јавно ширела лаги и клевети против него.
Во статус објавен на социјалната мрежа Фејсбук, Мицкоски истакна дека судот наложил Петровска да му се извини и да ја објави пресудата во медиумите. Тој ја нарече оваа одлука „уште една потврда дека на лагата ѝ се кратки нозете“.
„Ова не е само моја лична битка, туку битка за принципи, за вистината, за достоинството на секој поединец кој не дозволува неказнето да му се лепат лаги“, напиша Мицкоски.
Тој обвини дека СДСМ не се промениле и дека продолжуваат да го потценуваат народот со, како што вели, клевети и манипулации. Премиерот подвлече дека граѓаните се доволно мудри за да препознаат вистински вредности, а кариерите, изградени врз измами и политички лаги, тврди тој, нема да траат.
„Продолжуваме посветено, чесно и со крената глава. Лагите ќе паднат. Вистината победува“, заклучи премиерот.