СУДОТ ГО ЗАБРАНИ ШТРАЈКОТ ВО М-НАВ Контролорите на летање добија „НЕ“ од Апелација
Апелацискиот суд во Скопје ја потврди забраната за најавениот штрајк на ССКЛ за октомври 2025 година, откако оцени дека постапката била спротивна на закон и без валиден синдикален легитимитет.
Апелацискиот суд Скопје ја одби жалбата на Самостојниот синдикат на контролорите на летање (ССКЛ) и ја потврди одлуката со која се забранува најавениот штрајк за октомври 2025 година, соопшти денеска правниот застапник на М-НАВ, адвокатот Горан Николоски.
Според него, судот ги прифатил аргументите на М-НАВ дека штрајкот не бил поврзан со заштита на работнички права, дека не е спроведена задолжителната постапка за посредување и дека ССКЛ нема самостоен правен легитимитет за организирање штрајк.
– Со оваа одлука се потврдува дека најавениот штрајк не е во согласност со законските процедури – изјави Николоски.
Тој додава дека одлуката отвора прашања и за претходни активности на ССКЛ.
– Судот утврди дека и претходни постапки биле спроведени надвор од законските рамки – рече тој.
Според Николоски, синдикатот не може да настапува самостојно надвор од својот матичен правен субјект и неговите статутарни правила.
Од М-НАВ оценуваат дека секоја идна синдикална активност мора да биде спроведена во согласност со Законот за работните односи и пропишаната постапка за посредување.
Штрајкот, кој беше најавен за 20 октомври 2025 година, предвидувал ограничување на летови и можни нарушувања во воздушниот сообраќај, но беше забранет со привремена судска мерка уште во прв степен.
Апелацискиот суд сега ја потврди таа одлука како правосилна.