НОВ ЛИК НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ Николоски најави завршување до средината на август

Паралелно се реализираат четири проекти, а од 15 август надлежните институции ќе започнат со процедурите за исполнување на сите безбедносни стандарди.

101

Реконструкцијата на Охридскиот аеродром се одвива според предвидената динамика и се очекува да биде целосно завршена до крајот на летото, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Тој посочи дека паралелно се реализираат четири проекти, при што степенот на реализација на секој од нив изнесува меѓу 80 и 90 проценти.






– Таму имаме четири проекти што се одвиваат паралелно. Прогресот е некаде меѓу 80 и 90 проценти на секој од нив. Рокот што го зададовме за завршување е крајот на летото и мислам дека тој рок ќе биде постигнат – изјави Николоски.

Тој најави дека од 15 август ќе започнат активности и на институциите задолжени за подготовка на аеродромот за негово целосно функционирање.

– Паралелно, од 15 август ќе почнат да работат надлежните институции, пред сè Агенцијата за цивилно воздухопловство, Контролата на летање, М-НАВ, Агенцијата за национална безбедност, Царината и Министерството за внатрешни работи, со цел аеродромот да биде целосно функционален и да бидат исполнети сите безбедносни стандарди – рече Николоски.

Според него, со реконструкцијата практично ќе се добие нов аеродром со нова административна и терминална зграда, што ќе овозможи подобри услови за патниците и поголем капацитет за опслужување на летови.

– Драго ми е што Охридскиот аеродром бележи раст и во апсолутни бројки и процентуално, според последните извештаи. Тој позитивен тренд ќе продолжиме да го поддржуваме и во наредниот период – истакна Николоски.

Вицепремиерот Николоски денеска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, беше во посета на Општина Дебрца.

Поврзани содржини