СУДОТ ГИ ПУШТИ ДОМА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ЗАТВОР Поднесена жалба за промена на одлуката за Марковски и за раководителот во РЕК Битола

Обвинителството бара построги мерки за осомничените во корупцискиот скандал во РЕК Битола, ВМРО-ДПМНЕ ја обвини власта за заштита на бизнис интереси.

525

Битолското јавно обвинителство поднесе жалба на одлуката на Судот, кој одреди куќен притвор за двајца од осумтемина осомничени во истрагата за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“. Обвинителството бара мерка затворски притвор, со образложение дека постои ризик осомничените да побегнат.

Станува збор за еден од раководителите во Рудници во РЕК Битола и Борче Марковски, сопственик на фирмата „Марковски Компани“, која се сомничи дека незаконски добивала тендери во Комбинатот.






Од ОЈО Битола информираат дека јавниот обвинител не се согласил со одлуката на Судот, бидејќи постои опасност осомничените да се дадат во бегство, особено Марковски, кој, според обвинителството, поседува значителен имот во странство.

– Обвинителството вложи жалба на одлуката и побара изрекување на мерка затворски притвор, со цел да се обезбеди присуство на осомничените во текот на постапката – стои во соопштението од Јавното обвинителство.

На ваквата одлука реагираше и ВМРО-ДПМНЕ, од каде што ја нарекоа срамна и побараа одговорност од судството.

– Срамна одлука на Судот. Газдата на „Марковски Компани“, со стотици милиони местени тендери во РЕК, наместо во затвор, доби куќен притвор. Судството под контрола на СДСМ и ДУИ ги ослободува криминалците – изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека јавноста заслужува одговори за тоа „каде завршија милионите евра од тендерите во РЕК“.

Според Обвинителството, истрагата опфаќа осум физички лица и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.

Петмина службени лица, меѓу кои и поранешниот директор на Комбинатот, како и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници, се сомничат дека злоупотребиле службена положба со цел да му овозможат противправна корист на приватна фирма и да го оштетат Комбинатот.

Сомнежот се однесува на јавна набавка за дислокација на погонски станици од „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола, реализирана спротивно на основниот рударски проект.

Во делот за правното лице, „Марковски Компани“, Обвинителството тврди дека иако работите не биле извршени, фирмата доставувала фактури и незаконски наплатила повеќе од 106 милиони денари со вклучен ДДВ.

„Станува збор за класичен пример на продолжено кривично дело злоупотреба на јавни набавки, во кое државното претпријатие било директно оштетено“, велат од Обвинителството.

Со предистражните мерки на Управата за финансиска полиција, во изминатите неколку месеци се прибрани докази кои го поткрепуваат сомнението дека дел од вработените во РЕК Битола ја злоупотребиле својата позиција во корист на приватната фирма.

Поврзани содржини