Судија на судија му е кадија – ќе одговара ли и некој друг освен Панчевски

Заменик претседателот на Судскиот совет Миљазим Мустафа смета дека Судскиот совет треба да поведе постапка за уврдување на одговорност на судиите кои примале судски предмети на рака и на тој начин постапиле спротивно на законот.

893

Не стивнуваат реакциите во судската фела која бара одговорност и од судиите инволвирани во злоупотребите на електронскиот систем за распределба на судски предмети по пресудата за судијата Владимир Панчевски, поранешен претседател на Основен суд Скопје 1, кој завчера беше прогласен за виновен и неправосилно осуден на три и пол години затвор.

Панчевски беше обвинет за злоупотреба на службената положба, односно дека рачно местел предмети како претседател во Основен суд Скопје1 во периодот од 2013 до 2016 година. Според обвинението, без параф биле распоредени вкупно 45 судски предмети. Шефицата на судската писарница во своето сведочење на рочиште во велешкиот суд спомна две судијки кои примиле предмети на рака. Во 2016 година, според нејзиното сведочење, таа лично однела предмети од СЈО во канцеларијата на Панчевски и тој им ги доделил на судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова, без никаков параф или решение. Два предмета на СЈО „Шлаканиците во Ценар“ и „Талир“ биле распоредени без параф.






Во текот на судскиот процес сведочеа и двајца претседатели на скопскиот кривичен суд, еден поранешен и еден актуелен, против нивниот поранешен колега, судијата Панчевски. Судијата Стојанче Рибарев пред судот раскажа дека кога дошол на функцијата судии му се жалеле дека се делат предмети на рака.

Постапките за утврдување одговорност на судија или претседател на суд се водат во согласност со одредбите на Законот за Судскиот совет, но досега Судскиот совет не се огласи, иако во негова надлежност е да утврдува одговорност и престанок на судиската функција, односно да разреши судија поради потешка дисциплинска повреда или поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција.

Плусинфо денеска побара одговор од Судскиот совет дали ќе поведе постапка и ќе бара одговорност од судиите кои соработувале со судијата Панчевски и дали некој од споменатите судии во судскиот процес пријавиле досега дека добиваат предмети без параф и спротивно на пропишаните законски норми. Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев е на годишен одмор и не успеавме од него да добиеме одговор на нашето прашање.

Треба да се поведе постапка за уврдување одговорност на судиите кои примале судски предмети на рака и на тој начин постапиле спротивно на законот.

Миљазим Мустафа Заменик претседател на Судскиот совет

Заменик претседателот на Судскиот совет Миљазим Мустафа за Плусинфо рече дека негов личен став, како член на Судскиот совет е дека треба да се поведе постапка за уврдување одговорност на судиите кои примале судски предмети на рака и на тој начин постапиле спротивно на законот. Но, дали од судијките спомнати во судскиот процес за злоупотребите на АКМИС системот ќе се утврдува одговорност, сепак допрва ќе решава Судскиот совет.

 

 

 

Поврзани содржини