Студен ветер на војната од Словенија

Скапиот мир меѓу Косово и Србија кој опстојува со заканата од употребата на сила проектирана од американската воена база „Бондстил“ не ги спречува политичарите од двете страни на границата да си тераат по свое по мирно преспаната ноќ, без да прашаат кој плаќа за тој мир. 

2,989

Упорноста со која балканските национализми ја бранат својата кауза за етнички чисти држави дамна ги има поколебано заговорниците на европски мултиетнички решенија за нашиот регион.

За Балканот има само балкански решенија, ќе изјави пред многу години еден од некогашните посредници Дејвид Овен, кој на состанок  во Женева со македонскиот претседател Глигоров, на почетокот од деведесеттите, не убедуваше дека никакви територијални решенија нема да има за етнички проблеми.






Деновиве разбираме дека и Словенија, идниот претседавач со Европската унија заговара или испитува такво решение за Босна и Херцеговина и генерално за Западниот Балкан. Идејата дека треба да се доврши распаѓањето на Југославија онака како што почна, е се уште жива. Мнозина и на Запад искрено мислат дека тоа е начинот на кој ќе се откочи прогресот во регионот и тој ќе се приклучи кон ЕУ.

Потребно е само да се пуштат да паднат домината така што секоја национална група ќе се приклучи кон „сопствената“ национална држава, Голема Србија, Голема Хрватска и Голема Албанија. Тоа велат заговорниците на оваа теза долгорочно ќе ја осигури стаблиноста на Балканот и негово приклучување кон Унијата. Се чини, за судбината на Босанците и Македонците кои немаат „свои национални држави“  ќе се зборува во текот на процесот на финализирањето на распадот на Југославија.

Иако сите потврдуваат дека словенечкиот претседател Пахор, при посетата на Босна и Херцеговина, им го поставил истото прашање за можноста од мирна дисолуција на земјата на претставниците на трите национални заедници, се порекнува постоењето на таков предлог од Љубљана до Брисел. Разбирливо. Затоа предлогот е во форма на нон-пејпер или непостоечка хартија. Но, темата не е веќе табу.

Вистинското прашање е колку долго се спремни големите западни сили да го поддржуваат стастус квото кое и после три децении не ги произведува саканите европски ефекти на Балканот. Лошото управување со државата длабоко поделена по етнички линии предизвика револт на масите во Босна и Херцеговина кои, не така дамна, буквално ги запалија политичките институции.

Политичарите кои привремено се повлекоа дома се вратија на своите функции и високи плати откога згаснаа огновите и се реновираа зградите и „вук појео магарца“. Скапиот мир меѓу Косово и Србија кој опстојува со заканата од употребата на сила проектирана од американската воена база „Бондстил“ не ги спречува политичарите од двете страни на границата да си тераат по свое по мирно преспаната ноќ, без да прашаат кој плаќа за тој мир.

Но, доколку надвладее тезата дека нема европски решенија за Балканот, туку само балкански, македонската држава и Македонците ќе се најдат во голема невоља.

Генерално земено, вакво решение може лесно да предизвика војна во која секогаш страдаат слабите. И на крај, зошто малата Словенија се зафаќа со вака голема тема? Заради престиж за земјата и нејзините политичари. Иако може да има најдобар план, Словенија нема капацитети за негова реализација.

Имено, менување на граници на Балканот е толку опасно по мирот во Европа што прво треба да се распоредат трупи на терен кои ќе спречат етничките заедници да се нафрлат едни на другите како толку пати досега во историјата. Што се однесува до цртање нови граници, замислете претставници на само две етнички заедници од Балканот кои, наведнати над карта, цртаат каде точно треба да минува границата. Можам да гарантирам дека на крај ќе ги фрлат пенкалата и ќе „заиграат“ ножеви и пиштоли.

Поврзани содржини